Незаборав, тага и многу прашања без одговори. Кобното утро 23 Ноември, 2021-та година остави неизбршила трага кај десетици семејства кои ги загубија најблиските во автобус на „Беса транс“. По една година, сеќавањата се свежи, а болката уште поголема затоа што наместо правда и одговори несреќата е обвиена со прашања и бирократски лавиринти.
Осман Исени од скопско ги загуби родителите кои тргнаа на патување кон Истанбул и никогаш не се вратија. Дванаесет месеци и Исени чека одговори.
Сите прашања и во Бугарија и во Македонија се зошто нема правда. На тој пат кој не е изграден како што треба уште не се нарпавени поправки, нема ремонти. Две агенции државни, бугарски специјализирани укажаа какви се нерегуларнсотите има на таа делница. Зошто чекаат други луѓе да умрат, за Телма прашува и адвокатот на неколку оштетени семејства.
„И треба да има конкретни обвиненија. Ако „Беса транс“ биле на лице место таму. Не навлегувам во таа истрага, но ако имале лажна лиценца, треба да влезе конкретно лице во затвор. А, и во Бугарија треба да влезат конкретни лица во затвор кои дозволиле делницата да биде со пропусти“, вели адвокатот Димитров за Телма.
Увидот на местото на несреќата траел цел ден. На распит биле над 30 сведоци, управителот на фирмата на автобусот, преживеаните патници, а направени се 45 аутопсии. А, обвинителстовото во Бугарија по 12 месеци вината за несреќата ја впери само во возачот на автобусот.
„Експертизата докажа дека возачот на автобусот возел со прекумерна и неприспособена брзина и дека причината за сообраќајната незгода е човечка грешка“, вели Сијка Милева, портпаролка на бугарското Обвинителство.
Битката за вистината ја закочи и сатисфакцијата која им следи законски на семејствата. Само заради еден документ за официјалната листа на загинати кои не ја издаваат ниту македонското, ниту бугарското обвинителство, семејствата не можат да си ги наплатат парите од осигурителната компанија.
„Направивме барање до македонското обвинителство за тој документ за да може да се исплати отштетата од страна на осигурителната компанија која е подготвена да плаќа. И тоа не по македонските лимити кои се 600.000 евра, туку по бугарските лимити кои се 5.200.0000 милиони евра. Една година, бугарските власти не можат да издадат таков документ. Еден месец по катастрофата се знаеше точно кој е починат. Имаше екпертизи, имаше се. Ова е подигрување со луѓето“, посочува Димитров.
За жал, Димитров на мејлот нема да добие одговор од македонските истражители. Со оглед на тоа што станува збор за сообраќајна несреќа на територија на друга држава, со сите податоци во врска со несреќата располагаат бугарските истражни органи кои ја водат истрагата, велат од јавното обвинителство во змејава.
„Уште еднаш нагласуваме дека по сите доставени замолници е постапено и одговорено во најкраток можен рок. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не може да споделува податоци за починатите и преживеаните лица во несреќата со трети страни,“ одговараат од јавното Обвинителство.
Во Бугарија истрагата за несреќата не е завршена и во моментов се чекаат одговори од македонското главно обвинителство поврзани со правна помош. Првично што е наведено како дел од истрагата е дека автобусот се движел со поголема брзина од дозволената, удрил во заштитната ограда, а потоа се запалил. Загинаа 45 лица.
Павле Беловски