Ватикан соопшти дека ќе го прекине телефонскиот сигнал за мобилните телефонски мрежи за време на конклавата за избор на нов Папа. Сигналот повторно ќе биде вклучен по објавување на изборот на Папата, се наведува во соопштението.
Илјадници верници се очекуваат на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, чекајќи го објавувањето на наследникот на папата Франциск, кој почина на 21 април. Вкупно 135 кардинали под 80 години, кои ќе го изберат новиот Папа, пристигнаа во Рим за конклавата што започнува утре, објави Ватикан.
Во среда во 16:30 часот, кардиналите ќе се соберат во Сикстинската капела и ќе започнат со гласање што ќе трае сè додека еден од нив не добие двотретинско мнозинство и не стане нов лидер на 1,4 милијарди католици во светот, пишуваат француските медиуми.
Светот дознава дека е избран нов Папа, кога службено лице ќе ги запали гласачките ливчиња претходно натопени со специјални хемикалии, а од оџакот на капелата ќе излезе бел чад. Потоа новиот Папа се појавува на балконот и ја благословува толпата на плоштадот пред базиликата.