Во Романија се одржуваат повторни претседателски избори откако мината година во декември беа поништени, поради сомнение од руско влијание врз кандидатот Калин Ѓорѓеску кој беше фаворит, а заврши со дисквалификација поради можно нелегално финансирање на политичка кампања од страна на Русија.
Романците се соочуваат со длабока политичка криза, како и со намалена економија и раст на цените. Многу од граѓаните се огорчени од политичките превирања, и се на ставот дека државата треба да се стреми кон европскиот пат.
„Би сакала да видам борба за мир во Романија и за доброто на луѓето, бидејќи несогласувањата се огромни. Треба да бидеме во Европа. Бог нека ни помогне“ вели гласачка.
„Имам само лоши зборови за нив (политичарите) што не можам ни да ги искажам. Овој пат ќе излезам на улица како што правев и претходно, но овој пат тоа ќе биде вистинско. Ако мојот глас повторно биде поништен или ако оној што го избрав не биде избран, ќе излезам на улица. Нема да функционира вака“ рече гласач.
Во претседателската трка се 11 кандидати, меѓу кои 4 независни и 7 поддржани од партии и коалиции.
Кандидатката за претседателската фотелја Елена Ласкони се надева дека правдата ќе биде задоволена и дека е подготвена да ја преземе одговорноста.
„Гласам со верување дека правдата ќе биде задоволена денес затоа што имам храброст да ја заземам правдата. Има Романци кои веруваат дека правдата конечно ќе биде задоволена во оваа земја. Гласав со верување дека семејствата на оние кои сè уште немаат одговор, на оние кои загинаа во Револуцијата, ќе добијат правда“ изјави Елена Ласкони, кандидат за претседател на Романија.
На неколку од претходните кандидати им е одземено правото за повторно кандидирање поради нивното анти-европско однесување кое го загрозува членството на земјата во Европската Унија и НАТО.
Наследникот на Ѓорѓеску, Симион ја презеде улогата и според анкетите е фаворит меѓу граѓаните, сепак против него е спроведена истрага дека ги следи постапките на неговиот претходник во кршење на правилата за финансирање на политичката кампања. Претседателскиот фаворит се сомничи дека има огромна поддршка од лоби групите во Вашингтон.
За Романија да добие претседател и да излезе од длабоката политичката криза, потребно е кандидатот да помине два претседателски круга и да освои двотретинско мнозинство со што потоа ќе има обврска да го додели мандатот за премиер на Влада. Сепак мандатот го одобрува собранието каде мнозинството го има партијата на кандидатот Симион.
Теа Димковска