Вести Македонија Топ вести

Како експресно се затрупа пепелта во РЕК Битола?

Екипата на Телма дојде на одлагалиштето во РЕК Битола точно еден месец по вонредниот надзор на инспекторатот за животна средина кога беа затекнати огромни количини непокриена отровна  пепел која ветрот ја разнесуваше низ Пелагонија. Но, сега купиштата пепел се покриени, а  онаа која доаѓа преку транспортната лента долга 4 километри,  се прска со вода и адитиви против подигање на прашина, а машината ја истура во касета и се посипува со земја.

Во зависност од тоа колку блокови работат, од 2000 до 5000 тони пепел дневно се одлагаат на оваа депонија. По налог на инспекторатот за само еден месец  непрописно одложената пепел се затрупа со земја, а пред неколку дена ставен е во функција и системот за влажнење, кој  не работел поради недостиг на механизација и работна сила.

„Откако дојдовме на оваа функција во септември 2024 затекнавме огромни количини пепел, немаше механизација, ниту наша, ниту на надворешни фирми. Се додека тоа се среди и се истуркаа купишта  пепел  и се покрија со земја,  помина време. Сега тоа е завршено, а во иднина тоа нема да се повторува затоа што  не сакаме да се загадува животната средина“, вели Зоран Јоновски, раководител на Сектор за отпепелување во РЕК Битола.

Сепак, од Комбинатот,  потврдуваат дека не може целосно да се исклучи разнесувањето на пепелта , а тоа се случува кога системот за влажнење е во  дефект, потоа во зима кога не работи поради ниските температури, но и кога дува топол ветер.

„Јужните топли ветрови ја  сушат пепелта уште додека  е на транспортерот. Ние ќе ја навлажниме на стартот, но тие 4 километри транспорт дополнително ја сушат пепелта, и во моментот на транспорт може да се види такво развејување“, вели Николче Наумчевски, директор на ПЕ Термоелектрана.

Колку е полош квалитетот на јагленот за производство на струја, толку е поголема количината на пепел. Годишно се одлагаат над 1,5 милиони тони.

„Тука се врши касетно одлагање на пепелта. Ова е главното одлагалиште, а има уште две дополнителни кои се користат кога оваа одлагачка машина  е во одреден застој или ремонт, вели  Никола Кузмановски“, технички директор на ПЕ Термоелектрана.

Битолското Обвинителство оформи предмет и истражува зошто огромни количини пепел со месеци останаа  непокриени  на одлагалиштето во РЕК која ветрот ја разнесуваше низ Пелагониската котлина, дали било предизвикано загадување и дали било загрозено здравјето на граѓаните.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски задоволен од склучениот договор за минерали со САД

Дејан Дејан

Според ИНСТАТ на аеродромот во Тирана во првиот квартал од годинава регистрирани се  2 милиони патници

Дејан Дејан

САД инвестираат 500 милиони долари за универзални вакцини

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе