Откако денеска, одговарајќи на новинарско прашање зошто во собранието не се одржа комеморативна седница за загинатите во пожарот во Кочани, спикерот Гаши рече дека не сакале да прават политички поени врз жртвите и дека не се одржале комеморации за жртвите и во другите несреќи како Ласкарци или пожарот во модуларната во Тетово, со реакција се јавија од Oпштина Кочани.
Во реакцијата се вели дека „Собранието не ги почитува ни загинатите ни живите во Кочани!“. Ја нарекуваат скандалозна изјавата на собранискиот спикер со која се обидува да ја оправда непочитта на настраданите во трагедијата во Кочани и неработата на македонскиот законодавен дом по немилиот настан.
„Наместо да прекинат лошите практики од минатото, парламентарците во нив наоѓаат изговор за да не организираат комеморација за жртвите на корупцијата. Со ова, првиот меѓу еднаквите народни избраници докажа дека токму тие се показател на општествената летаргија во која е потоната Македонија“, реагира Венко Крстевски, в.д. градоначалник на Општина Кочани.
Инаку денеска се навршуваат 40 дена од смртта на 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“.