Три рекреативни базени со натпреварувачки димензии во моментов се функционални во Македонија и може да ги користат десетиците пливачки и ватерполо клубови, како и граѓаните. Од вчера базенот „Карпош“ кој е во склоп на државната „Борис Трајковски“ ги затвори вратите за спортистите и рекреативците, бидејќи покривната конструкција не е безбедна.
Салата која е изградена пред 47 години, во далечната 1978 година, не е одржувана како што треба но клучниот проблем кој влијае на безбедноста е поради лоша реконструкција изведена во 2010 година, кога директор е Ратко Капушевски кој во моментов е во притвор поради финансиски криминал тежок 160 милиони евра. Лошата изведба и ризиците ги потврдиле експерти од Градежниот факултет.
„Прва поголема реконструкција е во 2010 година, кога се работело на плочките во базенот, тоалетот, трибинскиот и поттрибинскиот простор и покривот кој во 90 проценти условно бил поставен нов. Од она што може сега да го забележиме и по укажувањата од Градежниот факултет дека оној проект кој бил предвиден да се имплементира во базенот и покривната конструкција е применет делумно и не е постапено целосно како што требало да се постапи“, изјави Данијел Апостолоски, директор на СЦ „Борис Трајковски“.
Градежниот факултет веќе дал упатства што треба да се направи, а од „Борис Трајковски“ бараат фирма која ќе ги санира моменталните недостатоци. Очекувањата на раководството се дека до крајот на идниот месец базенот ќе биде безбеден и функционален.
„Да ангажираме фирми кои што во моментов ќе се качат на покривот, ќе ги отстранат сите елементи кои можеби претставуваат опасност, оние кои може да ги фиксираат и ќе се постави тврда мрежа, крут материјал кој генерално се користи при вакви ситуации и ќе биде гаранцијата дека не може ништо од горе доколку се случи нешто и се откаже да падне во водата или на плочите и да причини материјална штета или не дај боже човечка“, вели изјави Данијел Апостолоски, директор на СЦ „Борис Трајковски“.
Базенот „Карпош“ го користат вкупно 21 пливачки и ватерполо клуб, а неколку млади пливачи кои денеска беа пред објектот, чекаа превоз кој ќе ги однесе во Куманово за да може да продолжат со тренинзите.
Олимпискиот базен во Скопје и базените во Струга и Куманово се единствените објекти каде што може да се изведуваат тренинзи. Агенцијата за млади и спорт имаше амбициозен проект за изградба на базени во повеќе градови во државата, но тој не се спроведе како на пример затворениот базен во Охрид.
Наследникот, министерството за спорт, покрај базенот во Охрид планира изградба на големи базени во Штип и Кавадарци, а во наредните неколку месеци помали базени во склоп на училишта во Кичево и четири скопски општини.
Огнен Чанчаревиќ