Вести Македонија Топ вести

Средба на премиерот со Таравари и „Вреди“ по 1 мај

Довчерашните коалициони партнери имаат уште десетина дена да си ги смират страстите, по што ќе следи средба во владата. По 1 мај, премиерот ќе иницира разговор со владините партнери, Арбен Таравари, кој сè погласно најавува можност да замине во опозиција и претседателите од коалицијата „Вреди“ кои тоа го побараа од него.

„Во моментов имаме редовна комуникација додека, пак, на оваа тема се очекува да има средба по 1 мај“, велат до владата.

Откако Таравари беше исклучен од коалицијата, „Вреди“ неделава ја почнува трансформацијата во партија. На завчерашната средба во Струга е одлучено да формираат заедничко Централно претседателство од 23 члена што ќе изготви Статут, според кој ќе се избираат претседател и партиски тела. Главните одлуки на крај ќе се донесат на Конгрес.

„Во текот на неделава сите партии треба да предложат членови во 23-членото претседателство кое понатаму ќе треба да изготви Статут и да ги подготви сите потези. На крај ќе се одржи Конгрес, по што партијата ќе се запише и во Централен регистар“, изјави Билал Касами од „Вреди“.

Сè уште не се открива кој ќе биде претседател на партијата. Не се исклучува можноста да биде и сосема нова личност, иако се во игра и тројцата претседатели на партиите од коалицијата. Тие деновиве побараа од Таравари да ја напушти и владата по јавното признание дека се договара со Али Ахмети. Неговите некогашни сопартијци, пак, не го сакаат назад иако посакуваат обединета Алијанса за Албанците.

„Обединета Алијанса за Албанците да, но Арбен Таравари мора да понесе одговорност за тоа што им го направи на Албанците со своите постапки. Во најмала рака да се извини и да се пензионира“, напиша Зијадин Села на Фејсбук.

Таравари на сето ова одговара дипломатски дека има само еден ориентациски компас, а тоа е народот.

Останатите коалициони партнери во владата не сакаат да ги коментираат случувањата и ја чекаат средбата со премиерот, после која работите ќе бидат појасни.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ниту 2,15 милиони евра не му помогнаа на Јахоски да биде пуштен од притвор

Дејан Дејан

Ограбен домот на Битиќи: сеф со злато, 50 илјади евра и рачни часовници украдени од домот на поранешниот пратеник

Дејан Дејан

ЗНАМ најавува соработка со ВМРО-ДПМНЕ на претсојните локални избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе