Кој дозволил пепелта од РЕК Битола неконтролирано да се разнесува низ Пелагониската котлина, зошто има отстапувања од главниот рударски проект како што констатираше Државниот инспекторат за животна средина при надзорот на 26 март годинава кога на одлагалиштето затекна поголема количина на несоодветно депонирана пепел и чија е одговорноста за тоа.
На овие прашања треба да одговори истрагата на Обвинителството во Битола, кое оформи предмет и врши проверки дали се запазени сите прописи за заштита на животната средина при одлагање на пепелта во РЕК Битола, дали било предизвикано загадување и дали било загрозено здарвејто на граѓаните
„По комплетирањето на сите задолженија, за добиените резултати и преземени мерки ДИЗЖС ќе го извести ОЈО Битола со цел проценка на потребата и основаноста од понатамошно јавнообвинителско постапување“, соопштија од ОЈО.
Обвинителството го оформи предметот по бурните реакции во јавноста изминатиот месец кога километарски облак прашина се разнесуваше низ Пелагонија, појава видлива и од Битола.
На прашањата на Телма од РЕК тогаш тврдеа дека се почитуваат сите протоколи. Сега, пак признаваат дека инспекторатот затекнал пепел на отворено и им даде рок од 30 дена да ја одложат во касети и да ја покријат со земја. Иако тоа им е законска обврска, денеска од Комбинатот, преку соопштиние изразија задоволство за завршената работа.
„Со задоволство информираме дека денес, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниту еден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја. Во насока на долгорочно решение, веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета“ соопштија од РЕК Битола.
За отстапувањата од главниот рударски проект, Државниот инспекторатат за животна срдина не изрекол сакнкции. Тоа што не беа казнети, од РЕК велат дека инспекторите ги препознале нивните напори за решавање на проблемот, што секако е нивна обврска.
Емилија Мисирлиевска