Агенцијата за електронски комуникации ја започна постапката за влез на унгарската телекомуникациска компанија „4iG“, блиска до премиерот Виктор Орбан, на македонскиот пазар. Унгарскиот телеком гигант треба да им биде конкуренција на постојните два мрежни оператори – А1 Македонија и Македонски Телеком.
АЕК пред празниците објави намера за спроведување на постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на одобренија за користење на радиофреквенции на нов мрежен оператор. Намерата се објавува по барање на македонската фирма ОНЕ МАКЕДОНИЈА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ, во сопственост на унгарската 4iG.
Јавната расправа ќе трае еден месец, кога заинтересираните ќе може да достават коментари и мислења, а писмо со искажување интерес за тендерот треба да се достави до АЕК до 16 мај. На тендерот за доделување фреквенции за мобилна телефонија може да се пријават и други фирми, но не и постојните А1 Македонија и Македонски телеком, за да се овозможи поголема конкуренција на пазарот. На тендерот ќе бидат понудени три фреквенциски опсега. Почетната цена за едниот е 4,2 милиони евра, за вториот е 1,5 милиони евра, а за третиот 2,3 милиони евра, или вкупно над 8 милиони евра. Ако, освен Унгарците, наддава и друга фирма, цената може да се зголеми.
„Бројот на одобренија за користење на радиофреквенции е неопходно да биде ограничен со цел да се обезбеди ефикасно користење на радиофреквенцискиот спектар, да се обезбедат максимални поволности за корисниците и да се поттикне конкуренцијата“, наведува АЕК.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски уште во август соопшти дека унгарската компанија 4iG доставила писмо за намери до Владата дека е заинтересирана да влезе на македонскиот пазар за фиксна и мобилна телефонија. Во септември беше потпишан меморандум за разбирање, а во октомври Унгарците регистрираа фирма во Македонија – Оне Македонија телекомуникации. АЕК уште тогаш соопшти дека има простор за трет мобилен оператор. Пред крајот на годината, компанијата официјално достави писмо за намери до АЕК за влез на македонскиот пазар. Тогаш соопштија дека нивното истражување на пазарот покажало дека има големи можности.
Истражувачкиот портал „Директ 36“ лани ја опиша унгарската телекомуникациска компанија како „омилената компанија на Виктор Орбан“.
Унгарците веќе работат во Албанија и во Црна Гора преку својот бренд ОНЕ, а имаат намера да го прошират своето присуство на пазарите на Западен Балкан.
Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија. По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.
Во земјава во моментов има два мрежни мобилни оператора – Македонски Телеком и А1 Македонија и четири виртуелни оператори – Лајкамобил, Телекабел, Грин мобајл и М-Тел. Сепак, Т-Мобиле и А1 држат над 96 отсто од пазарот на мобилна телефонија.
Срѓан Стојанчов