Велигденскиот викенд помина со зголемен број медицински интервенции. Од Брзата помош информираат дека најчести биле повиците поради колапси и проблеми со варењето, предизвикани од прејадување.
Во изминативе неколку дена се регистрирани речиси 50 случаи на колапси, од кои два се случиле токму во текот на синоќешната велигденска вечер – едниот пред Соборниот храм, а другиот кај црквата пред Транспортниот центар.
Според лекарите, до колапси најчесто доаѓа поради наглото прекинување на велигденскиот пост, кога луѓето веднаш преминуваат на мрсна и тешка храна. Таквата промена е сериозен шок за организмот, особено кога се комбинира со големите температурни разлики.
Колапсите се случуваат поради повеќе фактори, како што се прекинување на долгиот пост, како и големите температурни разлики. Имаме зголемен број на јавувања и за прејадувања со храна и после постот потребно е прилагодување кон мрсната храна, изјави Ана Џарева, шеф на смена во Брза помош.
Медицинските лица апелираат на внимателно консумирање на велигденските јајца. Особено жолчката, која е богата со холестерол и може да претставува ризик за лицата со кардиоваскуларни заболувања или покачени масти.
Најдобро е да се консумираат едно до две јајца дневно. Доколку некој инсистира на повеќе, тогаш барем да се избегнува жолчката и да се јаде само белката, додаде Џарева.
Од Клиниката за токсикологија информираат дека во изминатите денови не биле примени пациенти во алкохолизирана состојба. Но докторите сепак предупредуваат дека комбинацијата од алкохол и прејадување може да доведе до сериозни компликации.
Лекарите апелираат празникот да се слави умерено – да се избегнува претерување со мрсна храна, да се пие доволно вода, и по можност, храната да биде варена наместо пржена или печена. Доколку некој почувствува мачнина, тежина, вртоглавица или слабост, се препорачува да се јави во Брзата помош, каде што може да добие совет за понатамошно постапување и соодветна терапија.
Тамара Марковска