Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква.
„Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде. За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка“, се вели во честитката на претседателката Силјановска Давкова до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
„Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани“, се наведува во честитката на претседателката Силјановска Давкова до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква, д-р Киро Стојанов.
„Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни. Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции“, пишува во честитката на претседателката Силјановска Давкова до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква.