„Вреди“ останува без еден партнер во коалицијата, откако одлука да ја напушти донесе Алијанса на Албанците предводена од Арбен Таравари. А кој најмногу ќе профитира од поместувањата во албанскиот блок кој е заедно на власт со ВМРО-ДПМНЕ? – Одговорот е веројатно нивниот најголем ривал ДУИ, кој на последните избори отиде во опозиција.
Излегувањето на Алијанса на Албанците на Таравари создава нова ситуација, посебно во однос на локалните избори, но и во позиционирањето во Владата, смета политичкиот аналитичар, Бесим Небиу. Создавањето на коалицијата „Вреди“ создаде една рамнотежа во силите на албанскиот блок, а ДУИ пред парламентарните избори беше принудена да го окрупни гласачкиот потенцијал со коалицирање со шест партии од другите малцинства. Но, сега битката за градоначалнички позиции ќе биде понеизвесна.
„Сега тука се содава една нова ситуација, во која што мислам дека пред излегувањето на Алијансата на Албанците беше извесно дека Вреди има предност во локалните избори. Сега тие карти мислам дека повторно се измешани и битката станува неизвесна. Тоа за мене е првиот непосреден ефект од излегувањето на Таравари“, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу.
А ситуацијата ќе влијае и во Собранието, ако се има предвид дека пет пратеници на коалицијата Вреди се од Алијансата на Албанците.
„Тоа се разбира го пореметува и односот, односно коалицискиот аранжман, бидејќи сега немаме еден субјект, туку два субјекти кои што ги чинат тие 14 пратеници кои се дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира наредните денови ќе покажат како ќе се позиционира остатокот од Вреди. Јас очекувам дека тие ќе се сплотат и ќе направат поцврста структура и да направат единствена партија“, вели Небиу.
Првиот вицепремиер и лидер на Демократско движење, Изет Меџити веќе најави дека од коалицијата Вреди ќе произлезе нова партија на политичката сцена, при што наредната недела ќе започнат процедурите за нејзино создавање.
И додека тие ќе продолжат да се трудат ги задржат анти-ДУИ гласачите, според Небиу стратегијата на Вреди ќе биде да привлече и дел од гласачите на Алијанса на Албанците, а прашање е како ќе се постави и премиерот Христијан Мицкоски, кој сè уште не излегол со став.
„Ќе видиме како ќе се постави премиерот Мицкоски наспроти фактот дека сега има два коалициони партнери, а преговарал со еден, односно каков ќе биде третманот, односно односот со Алијанса на Албанците. Очекувам дека ќе има развој на настани во та анасока да се појаснат. Меѓутоа вашиот заклучок дека корист од ова има првенствено ДУИ. Се согласувам со тој заклучок“, додава Небиу.
Од Вреди притоа ја отфрлија и можноста за соработка со Алијанса на Албанците на Таравари на претстојните локални избори закажани за октомври. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пак коментираше дека Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки.
Марија Митевска