Вести Македонија Топ вести

Телма анализа: За пожарите во дискотеки во странство со стотици жртви осудувани по неколку лица

Правосилните пресуди за случаи на пожари во ноќни клубови со десетици жртви во светот покажуваат дека на крај одговарале само неколкумина директно одговорни за пожарот. Нема пресуди за оние кои со своето делување или неделување придонеле за зголемување на опасноста.

По пожарот во ноќниот клуб Пулс во Кочани, во кој загинаа 62 млади луѓе, досега има 59 осомничени – меѓу кои и функционери и вработени во институциите, кои овозможиле дискотеката да работи без исполнети услови од 2012 година па до денот на несреќата пред еден месец.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вели иако нивните постапки не се директна причина за пожарот, кумулативниот ефект од сите тие пропусти довеле до зголемување на опасноста. Тој е убеден дека обвинителство ќе докаже дека имало умисла кај сите одговорни од 2012, затоа што биле свесни дека со нивното делување или неделување се зголемува опасноста од пожар. Тој се повика на меѓународни искуства, па како примери ги наведе сличните пожари во дискотеки во САД во 2003, Бразил во 2013 и во Романија во 2015.

„Во сите случаи пожарот бил директен причинител на смртните последици, но судовите ја признале долгорочната серија на пропусти како фактори што го направија пожарот толку разорен, што во случајот се совпаѓа со нашиот. Одговорноста не била ограничена само на оние кои директно го предизвикале пожарот, туку и на оние што овозможиле опасни услови преку серија на административни и надзорни пропусти. Ова покажува дека правото признава долгорочен каузалитет“, изјави јавниот обвинител Љупчо Коцевски на 13 април.

Сепак, пресудите во овие три случаи не ја потврдуваат тезата на Коцевски. Код веќе ги анализираше пресудите од пожарот во дискотеката Колектив во Букурешт од 2015 со 64 жртви, кој по многу нешта наликува на тој во Кочани. Седум години по несреќата беа осудени 8 луѓе, директно поврзани со пожарот. Беа осудени тројцата сопственици на дискотеката, двајцата оператори на пиротехниката и нивниот директор и двајца инспектори кои требало да проверуваат исполнување на стандардите. Казните беа меѓу 7 и 12 години затвор.

Градоначалникот на букурештката општина, кој дозволил дискотеката да работи без исполнети услови, прво доби 8 години и 8 месеци затвор, но Апелациониот суд му ја намали на четири години, а Врховниот суд во 2023 година го ослободи од одговорност, по што излезе од затвор, и сега е директор на Националната канцелари за заштита на потрошувачите.

За пожарот во дискотеката Кис во Бразил од 2013 година, во кој загинаа 242 луѓе, 12 години по несреќата, сè уште нема правосилни пресуди. Двајцата сопственици на дискотеката и двајца членови на бендот кои со пиротехниката го предизвикале пожарот во 2021 година добија меѓу 18 и 22 години затвор, но Врховниот суд ги укина пресудите.

За пожарот во дискотеката Д Стејшн во Род Ајленд во САД во 2003 година, во кој загинаа 100 луѓе, беа осудени двајцата сопственици на клубот и менаџерот на бендот кој настапувал. Едниот сопственик доби затвор, а другиот јавно корисна работа. Менаџерот подоцна беше помилуван.

Во граѓански парници беа исплатени уште милиони евра за жртвите.

Трите примери покажуваат дека биле осудени само оние кои биле директно поврзани со избувнувањето на пожарите. Сепак, несреќите доведоа до заострување на законите за безбедност на места каде што се собираат повеќе луѓе.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Рим денес продолжуваат преговорите за иранската нуклеарна програма

Дејан Дејан

Загинати 80 лица во американските напади врз Јемен

Дејан Дејан

Нови дигитални услуги на МВР достапни на интернет

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе