Првата половина од 2024 година беше период кога истече рокот на важност на патните и други лични исправи. Граѓаните мораа да ги променат документите за да стои новото уставно име. Закажувањето одеше тешко, бидејќи голем беше бројот за нивна замена и секоја минута беше драгоцена. Граѓаните се жалеа на долгиот временски период за конечно во рака да ги добијат исправите, а се пожалиле и до народниот правобранител, кој утврдил прекршување на неколку права.
„Неможноста да се добие патна исправа беше причина за прекршување на низа права – слобода на движење, стручно усовршување, здравствена заштита надвор од земјата, учество на спортски и други меѓународни настани. Се надевам дека оваа ситуација во иднина нема да се повтори. Неколку месеци нашите тимови беа во пунктовите со граѓаните“, вели Насер Зибери народен правобранител.
Извештајот на Омбудсманот за минатата година констатирал и други повреди на граѓаните по добиени 2.705 претставки. Проблеми имале и при уписите во матичната евиденција. Иако фантоми или невидливи за државата, завршуваат зад решетки. Во Идризово затвореник немал матичен број а со тоа ни извод од матична книга на родените. Казната ја издржувал преку отисок од прст, вели Зибери.
„Речиси четири години никој од установата не презел ниту еден чекор да му овозможи да добие матичен број и извод. Дури откако се обрати кај нас отпочнат е процес/процедура за да добие матичен број и извод“, вели народниот правобранител, Насер Зибери.
Нема доволно луѓе за да се обезбедат хумани услови во затворите. Ќелиите се пренатрупани, со влажни ѕидови, распаднати тоалети и недоволно лекари за да се обезбеди здравствена заштита, покажа извештајот на Омбудсманот, а ова пред неколку дена го утврдија и државните ревизори.
Зибери побара од Владата да достави законско решение со кое ќе се регулира правичната застапеност во јавниот сектор, бидејќи како што рече укинувањетго на балансерот довел во ситуација на манипулации на ова начело.
Минатата година правото им било ускратено и на граѓаните кои биле сместени во старечки домови, а за време на претседателските и парламентарни избори не им било овозможено да гласаат. Во областа „работни односи“ граѓаните најмногу реагирале на исплата на плати и други надоместоци и за вработување.
По однос на урбанизам и градба, утврдено е дека нема градежни инспектори во општините. Според годишниот извештај на народниот правобранител за минатата година, поплаки пристигнале и од граѓаните кои се покажиле на високи сметки за струја.
Симона Петровска