Вести Македонија Топ вести

Има ли амнестија на актуелни полициски началници за „Пулс“? – Тошковски тврди истрагата е побрза од слични во поразвиени земји

Нема амнестија за полициските службеници ниту за никој друг, како порано, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вели дека македонската истрага за трагедијата во Кочани е многу побрза од истраги во странски поразвиени држави за слични несреќи и трагедии.

-Сега амнестија дека има, јас не може да се согласам. Зошто? Заради тоа што МВР има поднесено, во континуитет, да речеме, 3 кривични пријави. Ако не и 4. И се постапува моментално за над 50 осомничени. Не можеме да се компарираме ни со случаи кои што се случиле, од ваков тип, во далеку поразвиени земји. Од аспект на тоа колку далеку е отидена истрагата. И им честитам на обвинителите кои што покажаа дека можело да се работи поинаку, одговори Панче Тошковски.

Тошковски тврди дека обвинителството во истрагата влегло и во МВР да истражува. Но, нема информации зошто запре истрагата на само 7 поранешни полициски началници додека актуелните кочански началници никаде ги нема туку само се разрешени.

Телма, до МВР пред 14 дена постави прашања за политичко-партиски врски на двајца од разрешените началници, но неосомничени иако во нивен мандат се случи пожарот. Кочанскиот началник на крим полицијата бил на партиски состанок лани во февруари и слушал „предизборен мотивациски говор“ на пратеник, а началничката на ОВР Кочани има фотографија со осудениот поранешен премиер.

Законски забрането е полицаец да има партиски активности и членство. Од МВР не одговорија на прашањата речиси две недели.

Министерот тврди дека со досегашната истрага се опфатени и актуелни началници.

-Истрагата влезе во Министерството за внатрешни работи, рече Тошковски.

Новинарско прашање: Еве Вие како министер и како човек сметате дека можеби и во МВР има одговорност за непостапување во изминатите 365 дена?

Тошковски: Да, сметам. И затоа досега се поднесени 7 кривични пријави. Поднесена е кривична пријава против 7 полициски службеници. До сега. Заклучно со вчера. Против 7 полициски службеници. Можеби наредниот период ќе имаме и други.

Според полициското соопштение од 19-ти март, седумте осомничени и притворени полициски началници не се гонат за актуелни дела, туку за документи потпишани пред 2 години кои се поврзани со последната легална лиценца на Пулс.

Дел од притворените пак со проблемска информација уште во ноември 2022-ра барале СВР Штип да ги извести надлежните во економија за да биде одземена лиценцата на Пулс поради кривични дела и прекршоци во клубот.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алијансата и Таравари одлучија со свои листи да одат на локални избори, но да останат во “Вреди”

Дејан Дејан

Трамп: Можеби Харвард треба да го изгуби фискалното ослободување

Дејан Дејан

(видео)Централното претседателство на крилото на Арбен Таравари од АА- без конкретен одговор дали е можно и евентуално напуштање на Владата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе