Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека организаторите на измамата со брзи кредити ќе бидат изведени пред суд по итна постапка. Во телевизиско гостување, тој посочи дека во случајот е вклучена широка мрежа на помагачи.
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека се води постапка против 43 лица, осомничени за компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци.
Истрагата покажала дека со внесување лажни информации во системите на повеќе кредитни друштва и фалсификувани електронски потписи, биле земани кредити на име на граѓани без нивна дозвола.
Незаконски прибавената имотна корист надминува три милиони денари. Четири лица, меѓу кои и службеник од Фондот за здравствено осигурување, се под истрага за потешки кривични дела.