Дивидендите oд државните институции ги зголемија приходите во буџетот. Од податоците на финансии може да се види дека заклучно со осми април тие изнесуваат 1, 4 милијарди евра.
Во јануари и февруари вкупно се собрале над 770 милиони евра. Од овие бројки може да се види дека за еден месец односно во март се зголемиле за над 660 милиони евра. Но, ова не е поради подобрена наплата од даноци, туку од дивидендите на државните институции. Односно ова може да се протолкува дека во буџетот се прибира нето добивката од државните институции, откако таа ќе се оданочи. Од колку и кои точно институции се земени овие пари не се знае, но она што е познато е дека има доста со вакви добивки.
- Имаме зголемување на наплата на неданочни приходи. Тоа значи дека наплаќаме дивиденди од оние инситуции кои имале добри резултати во 2023 година, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска
Од друга страна пак реализацијата на капиталните проекти во првиот квартал не е ни 10 проценти. Во ваквата ставка влегуваат градинки, училишта, пруги и други проекти од општо добро. Министерката Кочоска слабата реализација ја потпира на лошите временски услови со образложение дека кај нас најчесто во капитални влегуваат инфраструктурни проекти. Но имало и промена во методологијата. Сепак, ветува подобри бројки во следните квартали.
- Плаќање на гаранции за акционерски друштва и така натаму сето тоа вие под линија. Кога ќе ги споредите податоците ќе видите дека имаме многу подобра реализација. Но во периодот кој следи очекувајте многу подобра реализација на капиталните инвестиции или расходи во однос на претходниот период токму поради тоа што времето станува поубаво, додава Кочоска
Речиси секоја Влада во буџетот високо ја проектира ставката капитални расходи. Но, потоа кога треба да се крати од некаде, најчесто тоа се прави токму од нив. Во буџетот за годинава предвидени се над 700 милиони евра за капитални расходи.
Ирена Чачкова