Претседателот на САД, Доналд Трамп во интервју за „Ен-би-си“ изјави дека е „многу изнервиран“ и оти е „бесен“ на рускиот претседател Владимир Путин и се закани дека ќе воведе нови царини на руската нафта.
– Ако Русија и јас не сме во можност да постигнеме договор за завршување на крвопролевањето во Украина, а верувам дека тоа е руска грешка, ќе воведам секундарни царини на целата нафта кој излегува од Русија, посочи Трамп.
Тој истакна дека царините за Русија би можеле да бидат воведени во рок од еден месец доколку не се постигне договор за прекин на огнот.
– Ова би значело дека ако купувате нафта од Русија, нема да можете да вршите економска активност во САД. Ќе има царина од 25 до 50 проценти за целата нафта, наведе Трамп.
Тој додаде дека Путин знае дека е лут, но оти и покрај тоа тие имаат „многу добри односи“ и „лутината брзо исчезнува … ако ја направи вистинската работа“.
Трамп најави дека следните денови ќе разговара со Путин.