Сериозни слабости во спроведување на мерките за вработување и проблеми во распределбата на средствата се нотираат во извештајот за 2023 година на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека овие мерки не се спроведувале според принципот на рамномерен регионален развој.
Во некои случаи, како во скопскиот плански регион, биле надминати четирикратно додека во други региони, како што се централниот и источниот дел на земјата, биле исплатени значително помалку средства.
Државниот завод за ревизија исто така констатирал слабости во активностите за обука на напредни ИТ вештини. Според податоците, само 22% од кандидатите кои ги завршиле обуките за напредни ИТ вештини успешно го положиле испитот.
Ова укажува на тоа дека мерката не го постигнала целосниот ефект, бидејќи повеќето кандидати не ја завршиле успешно обуката, иако за оваа активност биле издвоени значителни средства. Исплатените средства за оваа мерка во 2023 година изнесувале 1,4 милиони евра, што претставува зголемување од 54% во однос на претходната година.
Покрај тоа, ревизијата утврдила и проблеми во процесот на јавни набавки, како во случајот со набавката на огревни пелети, каде пазарната цена била повеќе од двапати пониска од цената по која бил извршен договорот.
Дополнително, ревизорите забележале дека не се склучени менаџерски договори за директорот и заменикот директор на Агенцијата, што е спротивно на одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.