Кој стои зад сценариото за дестабилизација? – Ова прашање го отворија опозициските пратеници од албанскиот блок. Тврдат дека власта намерно се обидува да создаде клима на тензија, нетрпеливост и недоверба помеѓу етничките заедници, со јасна цел да се обвинат Албанците за обид за нарушување на соживотот.
По последните случувања, кои според нив се закана за безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи, Европскиот фронт ќе поднесе барање за интерпелација на работата на четворица министри. Изет Меџити не направил доволно за зачувување на соживотот, оценува пратеникот Беџети.
Опозицијата бара одговори и за палењето на деловни објекти и имот во Куманово, како и сквернавењето на знамиња и постапувањето на полициските службеници во тие случаи.
Коалицијата Вреди која е дел од Владата реагира. ДУИ треба да си поднесе интерпелацијата самата на себе, велат тие во соопштение. Пратениците на ДУИ и Европскиот фронт неодговорно се однесуваат кон граѓаните и нивната иднина, а ова е предвидлив чекор после оркестрираното и организирано нарушување на мирното славје на Денот на албанското знаме, се вели во нивната реакција.
„Интерпелацијата треба да ја поднесат во ДУИ против лицата блиски до Артан Груби кои ги организираа инцидентите и ја нарушија свечената и убава прослава на денот на албанското знаме. Креираа проблеми и сега вината ја префрлуваат на друг. ДУИ ги организираше проблемите и инцидентите. Креираат проблем, ги изложуваат граѓаните на ризик, ги оставаат на немилост, бегаат од нив и на крај се обидуваат да користат политички поени“, се вели во дело од соопштението на коалицијата Вреди.
Владата не е во состојба да спроведе уставни измени и да го продолжи европскиот пат на Македонија, тврдат пратениците на Европскиот фронт и обвинуваат дека поради тоа се создава вештачка криза.
А, со одговор се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и ДУИ се исплашени од Панче Тошковски, затоа што не им поминува ниту едно црно сценарио, кое го смислија за дестабилизација на државата, се вели во партиското соопштение на владејачката партија.
Пратениците од ДУИ ги повикаа граѓаните етнички албанци, да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации.
Петар Догов