Македонија го живее врвот од заразата со ковид. Бројките секојдневно растат поради сојот омикрон кој неконтролирано се шири. Иако со поблаги симптоми, сепак, болеста е проследена со висока температура, гребење и болка во грлото, ноќно потење, а според СЗО сепак има ризици по здравјето.
Откога Омикронот е првпат идентификуван пред само 9 недели, повеќе од 80 милиони случаи се пријавени во СЗО, што е повеќе кога пријавивме во текот на 2020-та година. Досега, експлозијата на новите случаи не ја зголемува многу смртноста, иако таа е многу повисока во сите региони, посебно во Африка, регионот со најмалку достапност до вакцините, изјави генералниот секретар на СЗО, Аденом Гебрејсус.
Со новите 2341 случај на коронавирусот вчера во Македонија е достигнат рекордот од почетокот на пандемијата. Од новите случаи 308 повторно се разболеле. И регионот бележи пораст на позитивни случаи на вирусот. Во Србија вчера се регистрирани 19.901 нов случај, што е рекорден број на заболени за еден ден во државата од почетокот на пандемијата, а се зголемува и бројот на хоспитализирани случаи. Во Бугарија исто така се регистрирани рекордни 12.400 нови случаи, и 73 починати. Високи бројки бележат Хрватска, Словенија, Грција. во тек е истражување за тоа колку се ефикасни вакцините. Освен антителата инстутите за имунологија во 22 земји, го испитуваат и ќелијскиот имунитет.
Како најзаразен сој досега, омикронот веќе пристигна и до најдалечното место на светот, односно во чиеланскиот регион Магаланес, кој често се смета за крајот на светот и пат до Антартик. Со оглед на малата популација, тука има само еден болнички кревет, а докторите велат дека ако продолжат да се јавуваат нови пациенти, ќе мора да ги евакуираат луѓето со авион.
Омикронот станува доминантен во цел свет, потиснувајќи ги претходните соеви на коронавирусот. Далеку е крајот на пандемијата, смета СЗО, бидејќи омикронот дава подлога за појава на нови соеви.
Има различни сценарија за тоа како да се одигра пандемијата, и како може да заврши акутната фаза. Но, опасно е да претпоставиме дека Омикрон би бил последна варијанта или дека сме на крајот од играта. Напротив, глобалните услови се одеални за појава на други соеви, додаде Тедрос.
Според најновите истражувања, варијантата Омикрон успева да опстане подолго на човечка кожа и на пластични површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот. На пластика останува 193 часа, а на човечка кожа 21 час. Токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“,му овозможи на Омикрон да ја замени Делта како доминантна варијанта и да се шири со таква брзина, заклучија јапонските научници.
Алиса Шутиноска