За прв пат на овие локални избори Македонија гласа со нов систем – тој за биометриска проверка на гласачот. Пред да можете да го остварите вашето гласачко право прво ќе мора вашиот отпечаток да се совпадне со тој од базата која е внесена во уредот за идентификација. Но, тоа не важи денеска за болните, изнемоштените, затворениците или лицата со Ковид и во изолација. Така е законски – вели првиот човек на ДИК Даштевски. Тој уверува дека се е подготвено за утрешното гласање. Таму каде ќе има проблем со апаратот за читање на отпечатоци од прст – на терен ќе се пуштаат ИТ стручњаци.
За овој процес обезбедивме 400 лица кои ќе помагаат ИТ лица од кои 320 ги обезбеди ДИК,а 80 компанијата која ни ги продаде овие уреди и од тоа плус имаме два кол центри едниот во ДИК едниот таму во компанијата и они си имаат за тоа обезбедено 90 луѓе кои ќе се јавуваат на телефонски повици, затоа што имаме некоја проценка дека голем дел од проблемите ќе можат да се решат и телефонски, вели Даштевски.
Доколку пак дојде до уништување на уредите, ќе следуваат казни. Даштевски вели тие уреди спаѓаат во доверлив избирачки материјал, бидејќи во нив се содржани отисоци од граѓаните. Ако пак некоја од машините биде оштетена, од ДИК велат имаат набавено за 15% повеќе апарати. Но доколку сепак има проблеми, само при исклучоци, дали гласал претходно ќе се проверува со УВ ламба и спреј.
Даштевски не гарантира, но смета дека нема да има проблеми со безбедноста на софтверот, односно реприза од претседателските избори лани.
Тој збор „гарантира“ е малку потежок збор. Можам да кажам дека ние ги преземавме сите услови процесот да се одвива непречено. За резултатите не можам ништо да ви кажам точно затоа што нели сега имаме гласање двојно и со ливчиња и со отпечаток на прст, па така тие резултати на крај ќе мора да се споредуваат, можеби ќе биде малку поспоро од порано, меѓутоа ќе биде доволно брзо за граѓаните на време да бидат информирани. Подобро да информираме точно кои се резултатите отколку да побрзаме па да згрешиме нешто, рече Даштевски.
Македонија за прв пат го имплементира овој начин на гласање, преку отпечаток од прст да се проверува дали евентуално гласачот еднаш веќе го искористил своето гласачко право. За потребите на 3.480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4.000 терминали.
Александра Филиповска