Родителите на меил веќе добиле информација дека нивните деца се помеѓу случајно избраните за да бидат дел од скринингот на здравствените власти во училиштата. Дел од нив уште веднаш штом виделе испратиле повратен одговор дека се согласни децата да бидат тестирани со брз антигенски тест. Некои се двоумат и имаат време до понеделник да одлучат што ќе одговорат на барањето. Во училиштата веќе ги имаат списоците. Направени се табели со случајно избраните ученици, по тројца од одделение. Но, надлежните ништо не оставаат на случајот – па така, ако има отпор од некои родители кои не се согласни нивното дете да биде тестирано, има и резервни списоци подготвени со замена, ако едно дете отпадне од комбинација, веднаш друго е селектирано.
„По мое мислење, треба добро да ги информираме родителите што всушност значи ова тестирање за нивните деца, и би се сложила со МЗ дека ова е превентивно и дека ќе имаме добар резултат за да се детектира секаков вид на заболување и да ги заштитиме нашите ученици. Немам информација дека досега има некаков бојкот и во досегашниот контакт има позитивни реакции и мислам дека нема да наидеме на некаков отпор, односно, дека ќе се согласат.“ – изјави Слаѓана Трпковска-Салтирова – Директор на средното угостителско училиште „ЛАЗАР ТАНЕВ“
Телма денес беше во обиколка на основни и средни училишта. Повеќе од триста основни училишта се одбрани, наспроти 109 средни училишта. Здравствените власти веќе апелираа да не се создава страв и несигурност кај родителите и кај децата, бидејќи тестирањето ќе трае многу кратко, ќе биде безболно како и секое друго земање брис од грло.
Важните податоци во однос на асимптоматското ширење на вирусот и колку е тоа распространето во училиштата ќе влијае и на идните одлуки на властите за тоа како ќе се одвива образовниот процес годинава. Пред една година, во недостаток на доволно информации и анализи, децата целата учебна година ја поминаа со онлајн настава.
Петар Догов