Процесот против екс министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, кој поранешното СЈО го нарече „Тендери“, може да се каже дека е рекордер во судските постапки кои ги отвори ова обвинителство по започнување од почеток. Според пресметката која ја направи Коалицијата „Сите за правично судење“, за три и пол години имал еден официјален старт и уште пет нови од две различни причини. Или не се одржале рочишта во рок од 90 денови колку што е законски дозволено да се паузира а тоа се случуло 3 пати, па поради тоа почнувале од почеток, или пак се менувал судија поротник што се случило два пати. Така судењето започнало во март 2018 та, а пред само една недела на 7 октомври почна од почеток. Последно во јули годинава кога процесот беше пред пресуда, судијата поротник Митко Сандев отиде во пензија па поради тоа сега е назначен нов поротник и ќе почне од почеток.
Инаку предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска е поврзан со злоупотреби со тендерот за изградба на Музејот на ВМРО, што беше дел од проектот „Скопје 2014“. Второ и третообвинетата се членови на Комисијата за јавни набавки. Според пресметките на набљудувачите делото застарува во 2051 година.