Скопскиот градоначалник желба има ама ингеренции нема за да делува против деталните урбанистички планови кои во јавноста важат за спорни, а подлежеа и на мораториум во Општина Центар.
Мораториумот се укина, но реакциите останаа. Ќе се истераат ли до крај плановите и со тоа и целта на моќните инвеститори – останува нејасно. Сепак, од Град Скопје максимум што можат да направат е да дадат мислење, тврди градоначалникот Петре Шилегов.
Институционалната позиција на Град Скопје во однос на урбанизмот завршува во моментот кога е донесен Генералниот урбанистички план и ние потоа освен што даваме мислења според параметрите во ГУП-от – дали се во согласност или не, немаме поинаква моќ да влијаеме на носењето на определени Детални урбанистички планови во делови од градот.“
Една од најжешките точки во градот којашто е предмет на особен интерес кај градежните инвеститори е токму оваа – паркингот кај Холидеј Ин. Се разговара за високи бетонски џинови и практично нова населба сред срцето на градот. Но, административни превирања сѐ уште постојат.
- Општина Центар го раскинува договорот со проектантската куќа за изработка на Деталниот урбанистички план за ова место затоа што проектантите нацртале подземна градинка, а тоа придонесе и за големи реакции во јавноста.“
Само овој простор овде е околу 6 хектари или големина на десет фудбалски игралишта. Станбени згради со намена и како деловен простор и како просторо за домување – ќе значат и населување пет до шест илјади жители.
Бидејќи кај нас се изведува со максималните параметри особено на жешките и скапи локации, треба да очекуваме дека таму ќе има пет до шест илјади жители. Тоа е големина на десет фудбалски игралишта, 6 хектари отприлика и таму треба да живеат шест илјади жители. Тоа е еден мал град. Најголем дел од градовите во Македонија се со по 10-15 илјади жители. За таква населба треба да имате и училишта, а треба да имате и градинка. По можност тие да не бидат под земја.“
Деталниот урбанистички план е донесен во 2012 година и тогаш се пропишани сите тие параметри во него. Сепак, мораториумот што го воведе Центар е укинат од Уставниот суд и нема простор за ревизија на старите планови кои се во важност.
Петар Догов