Од обвинителството велат дека ги следат написите околу набавката на кинески вакцини. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со внимание ги следи информациите објавени по медиумите, при што очекуваме надлежните институции до обвинителството да достават свои наоди за евентуални сторени кривични дела.
Обвинителството согласно своите надлежности ќе ги даде неопходните насоки, упатства и наредби на институциите во чија надлежност е откривањето на овој вид на криминал.
Доколку овие институции утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги гони сторителите, стои во одговорот на Јавното обвинителство.
Постапка е отворена и во антикорупциската комисија. Министерот Венко Филипче тврди дека нема никаква провизија во набавката на кинеските вакцини до кои со сите сили државата сака да стигне.
Опозицијата пак бара објавување на сите документи со посредникот од Хонк Конг со кого е прекината соработката по барање на кинеската влада која директно ги продава Синофарм вакцините на државите.