Свет Топ вести

Мртва трка за второто сенаторско место од Џорџија

Демократите се на добар пат кон преземање на контролата во американскиот Конгрес по вчерашните избори за сенатори во сојузната држава Џорџија. Победата на првиот кандидат на демократите, Рафаел Варнок против републиканката Кели Лофлер, е веќе потврдена, додека гласовите во трката меѓу вториот демократски кандидат Џон Ософ и републиканецот Дејвид Пердју се уште се пребројуваат. Варнок ќе биде првиот афроамерикански сенатор на Џорџија, која во американската цивилна војна беше дел од Конфедерацијата и се бореше за зачувување на правото за поседување робови.

Ни кажаа дека не можеме да победиме на овие избори, но вечерва докажавме дека со надеж, напорна работа и народот на наша страна, се е можно, порача по победата Варнок.

Повеќе од сигурно е дека разликата и за двете сенаторски места ќе биде многу тесна. Проекциите велат дека Варнок освоил 50,6 проценти од гласовите наспроти 49,4 кои гласале за Лофлер. Републиканската сенаторка не го признава поразот.

Ова е игра на сантиметри. Ќе ги добиеме овие избори. Ќе ја спасиме оваа држава! тврди Лофлер.

Колку разликата е тесна говори и фактот што при повеќе од 98 проценти преброени гласови, се уште не може да се прогласи победник меѓу Џон Ософ и Дејвид Пердју.

Има потенцијал некои од овие избори да завршат со половина поен. Значи вториот кандидат ќе има можност да побара повторно пребројување, вели менаџерот на џорџискиот изборен систем Габриел Стерлинг.

Исходот од изборите во Џорџија ќе има исклучително влијание врз мандатот на новиот претседател Џо Бајден. Доколку демократите ги освојат и двете места ќе имаат можност да го преземат мнозинството во Сенатот. Во тој случај и двете партии би имале по 50 сенатори, но решавачкиот глас за новото мнозинство ќе биде тој на новата потпретседателка Камала Харис, која со функцијата е и претседавач на Сенатот. Тоа значи дека Бајден, барем во првите две години од мандатот, многу полесно ќе може да ја спроведува сопствената политика, без потенцијални блокади, во случај републиканците да ја задржат контролата во Сенатот.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Во поплави во Конго 62 лица го загубија животот, а 50 се водат како исчезнати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе