Македонија Топ вести

Комисијата за историја со Бугарија на 22 јануари ќе бара решение за непотпишаните записници

22 јануари е терминот кога Комисијата за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија ќе се обидат да дојдат до решение кое ќе овозможи потпишување на записниците од последните три средби. Најавениот он-лајн состанок околу записниците која требаше да се одржи во средината на декември беше одложен и, како што дознава Телма, закажан е за 22 јануари. Во пресрет на состанокот двете страни размениле мислења како би можела да се надмине пречката околу толкувањето на Преспанскиот договор во дефинирање на записниците.

Инаку македонско-бугарската Комисија за историски прашања освен на Гоце Делчев, а на последната средба и по прашањето на Цар Самоил, на последните три состанци заглави и на употребата на придавката „македонски“ во записниците.

По осум одржани средби и исто толку потпишани записници со заклучоци од мешовитата Комисија, бугарската страна потпишувањето на записниците од деветата, десетата и единаесетата средба почна да го условува со стриктно почитување на Преспанскиот договор во делот на употребата на придавката „македонски“. Таа не прифаќа во записниците да се употребува терминот„македонската комисија“ туку таа да се именува како Комисијата на Република Северна Македонија. Аргументот на бугарските историчари е дека Комисијата е тело формирано од државата и според Преспанскиот договор, не може да ја користи придавката „македонска“.

Инаку употребата на придавката „македонски“ во однос на државата, нејзините институции и службени органи е дефинирано во членот 1 од Договорот од Преспа при што се наведува дека тие мора да се именуваат согласно официјалното име на државата, вклучително ентитетите основани со закон или чии активности се финансирани од државата.

Сепак од исходот на состанокот за записниците, како што дознава Телма, нема да зависи одржувањето на следната средба на Комисијата на која ќе се разгледуваат забелешките на бугарската страна за наставните содржини по историја за седмо одделение во Македонија и забелешките на македонските историчари за учебниците за седми клас во Бугарија, а која треба да се одржи во февруари. Досега мешовитата комисија ги усогласи забелешките околу историските учебници за 5 и 6 клас од образовниот систем во Бугарија и 6 одделение во Македонија.

Паралелно со продолжување на работата на историчарите во Комисијата и политиката во обид да го откочи процесот. Македонија се уште го чека одгворот од Бугарија на нон-пејперот кој и го достави на почетокот од декември, а кој содржи и акциски план на што да се фокусираат двете страни во наредниот период за надминување на разликите.

„Сега е време да се добие одговор затоа што е почеток на годината и затоа што треба да се утврдат акциските планови на комуникација на линиските министерства и што побрзо стигне тој одговор, кој може да биде основа за усогласен акциски план со цел да почнат линиските министерства веднаш со имплементцаија на тоа што го има во акциксиот план. Јас се надевам дека брзо во наредните денови ќе има одговор на тој акциски план“, изјави вчера Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија.

Засега од Софија нема сигнали дали за неа е прифатлив предлогот кој го доби од Скопје за откочување на европскиот пат на земјава и кревање на ветото од Бугарија за старт на пристапните прегвори на земјава со ЕУ.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Во Кочани заврши ,,Маршот на ангелите”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе