46 мандати за Коалицијата Можеме. Два мандати помалку за Коалицијата Обнова. Во блокот партии на албанците, ДУИ со 15 пратенички места, Алијансата со 12 а ДПА останува со еден пратеник. Левица станува парламентарна партија, освојувајќи два мандата.
Ова се резултатите што ДИК ги соопшти 22 и пол часа по затворањето на избирачките места.
Членовите на ДИК ги изгласаа едногласно по што си честитаа за сработеното. Се базираат на записниците од општинските комисии и се совпаѓаат со резултатите добиени по електронски пат. Пристигаа во ДИК во текот на ноќта и претпладнето.
Постапката се пролонгираше поради продолженото гласање од два часа, објаснуваат од ДИК и гарантираат за точноста.
До утре до 21 часот завршува рокот за поднесување приговори на текот на гласањето.
Од вечерва, стартува и 48-часовниот рок за приговори на резултатите. ДИК треба да одлучи во рок од 72 часа. Евентуалните жалби на одлуките на ДИК ќе ги решава Управниот суд.
Соња Николовска