Скопско Кожле, место кое што е дом на помалку од 20 луѓе во моментов. Наоколу планини, густа шума и малку селски куќи. Токму во една од куќите, во дворот на еден од жителите, живее демократијата. На прсти од четири дланки може да се избројат луѓето коишто ги има на избирачки список од ова место
-
Нема државни објекти, нема училиште во Кожле ниту пак простории на месна заедница. Гласачките кутии и целиот изборен материјал на ДИК денес е во дворот на Киро Николовски, долгогодишен жител на селото.
Во моментот додека бевме на гости во кај сопственикот на куќата која денес е гласачко место, двајца луѓе го остварија правото на глас, меѓу кои и самиот домаќин.
Изборите во Кожле се одржуваат според сите здравствени протоколи кои се задолжителни во време на Ковид.
Гласањето на отворено, во случајов, во дворот на Киро Николовски од Кожле е олеснителна околност во време на пандемија кога и самите здравствени протоколи велат – постојано проветрување на просториите онаму каде што ќе се гласа. Ова не е единствен пример каде што се гласа на отворено, тоа беше случај и во други земји како Русија, кога граѓаните гласаа за уставни измени.
Петар Догов