Македонија Топ вести

Партиските каравани под маски тргнаа низ државата

Партиските каравани под маски тргнаа низ државата. Иако се најавуваше кампања исклучиво преку социјалните мрежи и медиумите, уште на првиот ден од кампањата, партиите ги стартуваа и теренските активности. Едни од Струмица, други од Охрид, трети од Преспа, четврти од Скопје, петти од Тетово… Не сакаат да се откажат од непосредната комуникација со граѓаните, но убедуваат дека ќе се придржуваат кон мерките за заштита од корона вирусот: Носење на маски, одржување на дистанца, собири на отворено и во бројка која е пропишана од здравствените власти, без големи собири и митинзи. Сите партии, вклучувајќи ги и помалите вклучени во кампањата имаат свои веб страници и профили на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб и други социјални мрежи во зависност од целните групи на кои им се обраќаат. И помалите партии најавуваат слични настапи и комуникација со граѓаните, претежно на интернет. За претставување на кандидатите и партиските програми се користат и печатени материјали и билбордите на кои веќе осамнаа пораки за поддршка.Своите програми ќе можат да ги претставуваат до 12 јули во 24 часот кога завршува изборната кампања. Техничкиот премиер денеска повика на одговорност од сите.

Декларативно сите партии се заложија за фер кампања, но не си веруваат едни на други.

На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, а за првпат гласањето ќе се одвива три дена. На 13-ти јули ќе гласаат заразените со Ковид-19, кои се лекуваат дома и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, но само ако седум дена претходно се пријавиле за тоа. За гласање на луѓето што се во изолација ќе има посебни избирачки одбори со најмалку тројца здравствени работници и претставници на политички партии.Тие ќе имаат посебна заштитна опрема кога ќе одат во домот на заразеното лице.  На 14-ти јули ќе гласаат изнемоштените и болни лица, а сите останати на главниот изборен ден на 15-ти јули, кога гласањето ќе трае два часа подолго од вообичаеното – од 7 до 21 часот. На гласачките емста е задолжително носење маски, одржување на дистанца, често дезинфицирање на рацете и проветрување на просториите.  Сите членови на избирачките одбори и набљудувачите треба да носат маски и ракавици, а на секое избирачко место мора да има средства за дезинфекција. Гласачите  ќе чекаат на растојание од два метра и пред да влезат на гласање, а и на излезот,  ќе ги дезинфицираат рацете. Маската треба да ја тргнат накратко само заради идентификација. Во просторијата не треба да има поголем број на гласачи од боксовите за гласање. Овие избори се разликуваат од претходните и по тоа што дијаспората нема да гласа, но право на глас ќе имаат сите кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години, а ќе бидат внесени во Избирачкиот список.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Две докторки се сомничат дека биле дел од незаконско доделување на инвалидски пензии

Дејан Дејан

Загрижувачки податоци за состојбата со менталното здравје и безбедноста на интернет кај децата и младите

Дејан Дејан

Унгарскиот кредит ќе се троши главно за реконструкции и изградба на патишта

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе