Вести Свет

Два милиони Украинци ги напуштиле домовите – Најбрзиот егзодус во Европа од Втората светска војна

Најбрзиот егзодус што Европа го видела од Втората светска војна.Ова е оценката на Обединетите нации откако бројот на бегалците од Украина достигна 2 милиони.Високиот комесаријат за бегалци направи споредба со војните на Балканот, во Босна и Косово, каде  се евидентирани два до три милиони бегалци во период од осум години.

Се проценува дека, вториот бран веројатно ќе биде поранлив од првиот, затоа што нема да имаат ресурси и врски.Се бара „уште поголема солидарност“ во Европа и пошироко. Бројот на  луѓе кои се раселени во границите на државата, засега не е познат. Најмногу бегалци досега примила Полска – 1.028.000 лица. Хуманитарните организации на нивната граница ги дочекуваат бегалците со топол чај, храна и вода.Олга Куницкаја и нејзината петгодишна ќерка Злата, патувале два дена до границата, по поминати девет дена во подрум во близина на Киев.

Девет дена бевме во подрумот, беше страшно. Не знам зошто ова ни се случува нам, на нашите деца. Зошто напаѓаат, пукаат, ја бомбардираат нашата татковина? Зошто го прават тоа, ние сме обични луѓе. Како можат да го прават тоа, да ги убиваат децата?, вели  Олга Куницкаја, бегалка од Бојарка, Киев

Евакуацијата е отежната и од се` пониските температури кои се очекува да паднат и до минус 20 степени. На романската граница каде се чека и по повеќе од десет часа, беснее невреме. Илјадниците заглавени во конвоите кои се движат пребавно кон границите, стигнуваат премрзнати, некои и со со хипотермија, а доброволци ги дочекуваат со ќебиња и наметки и им нудат медицинска помош. Многу од нив, по вторпат поминуваат низ истата голгота.

2014 беше многу тешка. Исто како и сега, се преселивме со само една торба и ништо друго во Одеса. Моравме да почнеме се`од почеток. И навистина е болно што уште еднаш моравме да го напуштиме нашиот дом, нашиот втор дом, и сега, навистина не знам што е следно. Тогаш бевме барем во нашата земја со нашите луѓе, но сега сме… Ова е кошмар, навистина. Не знам, вели Елена Шаповал, бегалка од Лугањск и Одеса

Елена се надева дека војната брзо ќе заврши и ќе може да се вратат во својата земја.

Денеска министерот за одбрана, Бен Волас,изјави дека Велика Британија треба да го забрза процесот за виза за бегалците, кои бегаат од војната во Украина. Британија им одобри виза на 300 украински бегалци досега, според новата шема. Во процес се 17.700 апликации. Но, речиси 600 бегалци се заглавени во францускиот град Кале, од кои многумина тврдат дека се одбиени за виза, поради недоволно документи. Речиси 300 луѓе се одбиени, додека се обидувале да преминат во Велика Британија, наведоа француските власти за Би би си. На лицата во Кале им било кажано да одат во Париз за да аплицираат за виза.

Од азиската економска сила, Јапонија, се согласија да прифатат бегалци, но досега им дозволија влез во земјата само на на осум лица. Владата во Токио соопшти дека ќе се соработува со релевантните министерства и тела за „проактивно и експедитивно” прифаќање на евакуираните од Украина.

Јапонија генерално не прифаќа бегалци. Во просек, само околу еден процент од апликациите се одобруваат секоја година.

Според податоците на Обединетите нации, Унгарија примила 180.000 лица, Романија  79.000, Молдавија – 83.000, Словачка – 128.000, Русија – 53.000, Белорусија – 406, а 183.000 лица преминале од овие, во други европски земји.

Далиборка Демјанска Цветановска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Во поплави во Конго 62 лица го загубија животот, а 50 се водат како исчезнати

Дејан Дејан

Во Кочани заврши ,,Маршот на ангелите”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе