2.141 приговор денеска ќе се најдат пред Државната изборна комсија која во 18.00 часот ја закажа седницата на која ќе почне да ги разгледува приговорите од политичките партии за текот на гласањето и изборните резултати.
Најмногу приговори има поднесено партијата „Левица“ дури 1982, која обвинува за грабеж на гласови кои ја чинеле неколку пратенички места, додека втори по број на приговори, но со далеку помала бројка е коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива која поднесе 151 приговор, од кои 77 ги достави вчера во рокот за приговори за изборните резултати.
Алијанса и Алтернатива обвинуваат за изборна кражба на 20.000 нивни гласа што, како што тврдат тие, ги чини четири до пет пратеници.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено два приговори, но со кои го оспорува целиот изборен резултат.
Тие притоа бараат рачно и јавно пребројување на гласовите, како и проверка на неважечките 31.564 гласачки ливчиња.
До Државната изборна комисија стигнале и два приговори од „Демократи“ и по еден од Работничка партија, Интегра, СДУ и коалицијата на Јанко Бачев.
Рокот од 72 часа во кои Комисијата треба да одлучи по приговорите почна да тече од синоќа, а по одлуките на Комисијата партиите имаат право во 24 часа да поднесат жалба до Управниот суд кој пак во 60 часа треба да реши по нив.
По завршувањето на целиот процес на одлучување и постапување по приговорите Државната изборна комисија има обврска да ги објави конечните резултати од изборите, по што треба да се конституира новото собрание и да се верифицираат мандатите на новите пратеници.
Доколку претседателот на Собранието во заминување не ја свика првата седница, таа се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите.
По конститутивната седница на новиот собраниски состав, претседателот на државата има рок од 10 дена да го додели мандатот на партијата или коалицијата која има мнозинство пратеници.
По добивањето на мандатот, мандатарот пак во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и го предлага составот на идната Владата, која треба биде потоа потврдена со гласање од пратениците.
Доколку не успее во тоа, мандатарот го враќа мандататот кај претседателот, што беше случај по изборите во 2016 година.
Тамара Грнчароска