По неочекуваниот дебакл претпладнево на второто гласање во Бундестагот, Фридрих Мерц е избран за нов канцелар на Германија. Тој го доби потребното мнозинство. Му беа потребни 316 од вкупно 630 пратеници, а Мерц е избран со 325 гласови.
- „Пратеникот Фридрих Мерц го постигна потребното мнозинство од најмалку 316 гласови. Тој е избран за канцелар на Сојузна Република Германија во согласност со член 63(2) од Основниот закон“ – Јулија Клекнер, претседателка на Бундестагот.
Со оглед на тоа што гласањето во германскиот парламент е тајно, остана нејасно кој и зошто од владејачките пратеници не го поддржа изборот на новиот канцелар во првиот круг. Лидер на конзервативците од ЦДУ/ЦСУ, Мерц е десеттиот канцелар на Германија по Втората светска војна, во истовреме тој е на возраст од 69 години, што го прави и најстариот после Конрад Аденауер.
Фридрих Мерц веќе го прими сертификатот од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во палатата Белви, потоа се враќе во Бундестагот каде што треба да положи заклетва. Закажано е да се одржи заклетвата и на 17 федерални министри.
Неговата коалиција со социјалдемократите требаше да има доволно места во парламентот од самиот почеток, со вкупно 328 пратеници, но се чини дека 18 од нив се спротивставиле за време на првото гласање.
И самиот Мерц делуваше шокирано откако беа соопштени резултатите од првото гласање. За првпат во историјата на Германија не беше избран канцелар иако претходно беше договорено неговото именување и обезбедено неопходното мнозинство.
Крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија, која беше втора на изборите во февруари со 20,8% од гласовите, го искористи почетниот неуспех на Мерц и повика на нови избори.
Мерц го преземa кормилото на најнаселената членка на Европската унија од 27 земји откако владата на канцелар Олаф Шолц се распадна минатата година.
Германија има најголема економија на континентот и важи за дипломатски тешкаш.
Во портфолиото на Мерц е војната во Украина и трговската политика на администрацијата на Трамп, покрај домашните прашања како што се стагнацијата на економијата и подемот на крајно десничарската, антиимигрантска партија.
Билјана Ставрова