Новинарите во Македонија не работат во непријателска средина, но широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата во медиумите.
Дополнително, владините претставници покажуваат тенденција на лош и понижувачки став кон новинарите. Ова го констатираат „Репортери без граници“ во новиот извештај за Индексот на слободата на медиумите, според кој, ваквата состојба ги изложува независните медиуми на закани и напади, поради што земјата бележи пад од шест места од лани и годинава таа е рангирана на 42 место од 180 држави.
Македонија годинава забележала пад по три од пет индикатори по кои се мери слободата на медиумите. Најголем пад има по политичкиот индикатор, односно 9 поени поради што од 38 на паднала на 50 место. Репортери без граници констатираат дека иако севкупните услови остануваат поволна за слободата на медиумите, владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создале паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Пад од речиси пет поени земјата бележи по социјалниот индикатор, односно се констатира дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално шират дезинформации и сајберзакани, што со ниските професионални стандарди придонесува за намалување на довербата во медиумите и отвора простор за напад врз новинарите по основ на род, етничка припадност и религија.
Незначително зголемување на поени за слободата на медиумите земјава забележала по однос на правната рамка за 0,25 поени и безбедност за 0,01 поен.
Во економскиот индикатор пад е забележан за пет песта и се констатира дека освен економски притисок врз уредниците од сопствениците и државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори.
„Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложени на влијание од страна на маркетинг агенциите“, се наведува во извешрајот.
Во Извештајот се наведува дека иако телевизиите продолжуваат да бидат доминантен извор на информирање во земјата, он-лајн медиумите играат важна улога, при што мора да се направи разлика меѓу професионалните он-лајн медиуми со оригинални текстови и порталите кои пласираа плагијати и копи-пејст содржини.
„Исто така, постои и голем јаз помеѓу гледаноста и довербата: најгледаните телевизиски станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на доверба“, се наведува во Извештајот на Репортери без граници.
Вкупната состојба со слободата на медиумите во Македонија инаку е оценета како „задоволителна“ и пред Македонија од регионот се само Словенија и Црна Гора, а зад неа се Бугарија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Србија и Косово.
Тамара Грнчароска