Вести Македонија Топ вести

Асфалт со дупки, фекалии на улица, септички јами во дворовите – живот меѓу две општини и борба за основни услови

На само неколку километри од центарот на градот, во скопската населба Радишани на улицата „Бел Камен“, жителите со децении живеат без канализација, без асфалт и со чувство дека се заборавени.

Улицата е поделена на два дела. Дел од куќите припаѓаат во Општина Бутел, дел во Чучер Сандево. Поделбата е на хартија, но проблемите се исти. Фекалии кои излегуваат на површина, оштетени возила поради дупките, септички јами за кои месечно се плаќа по 50 евра. Жителите гневно говорат дека добиле празни ветувања од двете општини.

„Само фекали излегуваат овде. Кога врне да дојдете да видите, фекалии течат по улицата и смрди гадно. Тоа е нешто најлошо во животот. Луѓево овде имаат повеќе од 50 години и сите се на септички јами, месечно даваме по 50 евра за тоа. Не може да опстанеме веќе вака“, коментира жител на улицата. 

„Улицава „Бел камен“ не е во функција, ниту да се вози, ниту да се оди. Тоа е едниот проблем, а другиот е тоа што само ја префрлуваат вината едни на други општините Чучер Сандево и Бутел, а сите ја користиме улицата. Дури надлежните имаат кажано дека кај некои ќе направат канализација, а кај некои не, па тоа не може така, сите ние плаќаме комунали“, реагира негов сосед. 

Во близина на „Б ел Камен“ требало да се гради и прочистителна станица. Таблите биле поставени, почнал ископ, но работите запреле. Сега на местото стои голема отворена дупка, полна со ѓубре и паднати знаци за претпазливост.

„Според таблите што ги ставија кога почнаа да копаат пред нова година од Град Скопје тука требаше да има довоод до прочистителна станица која треба да се направи во близина. Но, наводно наишле на некои цевки за вода и ја прекинаа работата и така остана“, вели нивни сосед,

Од Општина Бутел велат дека дел од улицата е под надлежност на Чучер Сандево поради децентрализацијата во 2004 година. Градоначалникот Дарко Костовски вели дека половина од улиците кои се под нивна ингеренција се веќе асфалтирани, останатите ќе бидат наскоро.

Градоначалникот на Чучер Сандево не даде официјална изјава, но во телефонски разговор потврди дека проектот започнал. Нашата екипа на терен не забележа никакви активности.

Од Град Скопје нема повратен одговор во врска со изградбата на прочистителната станица.

Жителите на „Бел Камен“ велат дека бараат само основни услови за живот – асфалт, канализација и институции кои не префрлаат одговорност, туку решаваат проблеми.

Сметаат дека додека тие чекаат, децении поминуваат, а секоја зима, секој дожд и секој чекор низ оваа улица е потсетник дека сè уште не се еднакви сите граѓани на Скопје.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Природата како модна инспирација: Талентот на учениците од „Шаип Јусуф„

Дејан Дејан

Двапати неделно до Барселона, трипати до Лион – најавени и нови дестинации од скопскиот аеродром

Дејан Дејан

Фатен како вози со 111 км./ч. на место каде е дозволено 50 км./ч. – приведен тетовец

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе