Од обвинителството доцна вечерва соопштија дека за сите 14 осомничени полициски службеници опфатени со истрагата за пожарот во кабарето Пулс во Кочани се определени мерки на претпазливост.
Определени им се мерките: одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиште, повремено јавување на службено лице во судот, забрана за комуникација со останатите осомничени и забрана за вршење дејности на работното место кои се поврзани со предметното кривично дело
Мерки на претпазливост се определени и на 7-те полициски службеници кои беа уапсени на 19-ти март и оттогаш беа во притвор. Судот ги изрекол мерките по предлог на ОЈОГОКК.
5-мина од осомничените уапсени вчера се полициски пензионери. Досега не е осомничен ниту еден полициски началник или командир кој бил на функција за време на пожарот во кој загинаа 61 човек и над 190 беа повредени. И обвинителството и МВР тврдат дека нема селективност во истрагата со која не се опфатени ниту актуелни функционери, министри и директори освен актуелниот директор на Дирекцијата за спасување и заштита Селами.
Во продолжение извеатувањето од ОЈОГОКК:
Во денешната постапка на предлог на јавниот обвинител на осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост и тоа: одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиште, повремено јавување на службено лице во судот, забрана за комуникација со останатите осомничени и забрана за вршење дејности на работното место кои се поврзани со предметното кривично дело, судијата го прифати предлогот и на петмина им ги определи погоренаведените мерки, додека на еден осомничен (пензионер) му определи мерка забрана за комуникација со останатите осомничени бидејќи останатите три мерки за ова лице се активни во предмет од 2019 година.
Воедно, на предлог на обвинителот со оглед дека истекува притворот за осомничените опфатени со претходната истрага истиот е укинат и им се изречени истите мерки на претпазливост. Мерката забрана за вршење професија е изречена во зависност од тоа дали осомничените се уште се во работен однос или во пензија.