Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја продлабочи кавгата со Универзитетот Харвард, откако оттаму ги осудија неговите барања.
„Харвард е шега, учи на омраза и глупости и повеќе не треба да добива федерални средства“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Ставот на Трамп за Универзитетот е дека тој не треба да биде на ниту една листа на најдобри универзитети или колеџи во светот и напиша дека „Харвард ги вработува речиси сите воук, радикални левичари, идиоти и празноглави“.
Американскиот претседател го обвини Харвард и другите елитни американски универзитети дека спроведуваат левичарска идеологија и дозволуваат антисемитизам во кампусите.
За разлика од другите универзитети кои беа под притисок, Харвард одби да ги спроведе промените во вработувањето и приемот на студенти што ги побара Трамп. Американскиот претседател, исто така, бара да се укинат програмите за различност, еднаквост и инклузија.
Како одговор, администрацијата на Трамп замрзна две милијарди долари федерални грантови и договори на Харвард. Трамп вчера се закани дека Харвард може да ги загуби и фискалните олеснувања.