Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се прекине финансирањето на мировните мисии на ОН, објави Ројтерс, повикувајќи се на внатрешен документ во кој имал увид.
Мотивот се проблеми и неуспеси во работењето на мисиите во Мали, Либан и Демократска Република Конго.
Вашингтон најмногу придонесува во буџетот на ОН, заедно со Кина, која е на второто место. Американскиот придонес сочинува 22 отсто од буџетот на ОН од 3,7 милијарди долари и 27 отсто од буџетот од 5,6 милијарди долари за мировни операции. Овие плаќања се задолжителни.
Мировниот буџет на ОН финансира девет мисии – во Мали, Либан, ДР Конго, Јужен Судан, Западна Сахара, Кипар, Косово, меѓу Сирија и Голанската висорамнина окупирана од Израел и во Абјеи, административна област што заеднички ја администрираат Судан и Јужен Судан.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик одби да ги коментира информациите, кои се дел од внатрешна дебата и во оваа фаза едноставно беа објавени во медиумите.