Членките на НАТО разгледуваат можност за утврдување нова цел за трошење средства – не само за воените буџети, туку и за цивилна одбрана и поддршка на Украина, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Голем број земји од Алијансата ги зголемија воените расходи по руската инвазија врз Украина во 2022 година, но сега се под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да достигнат уште повисоки нивоа на трошење – дури и до 5 отсто од БДП, што е значително над актуелната цел од 2 проценти.
Кристерсон рече дека на претстојниот самит на НАТО во Хаг во јуни можно е да се постигне договор за цел од над 3 отсто од БДП за одбрана, придружена со посебна цел за други расходи поврзани со безбедноста, цивилната одбрана и поддршката за Украина.
Тој додава дека во моментов се водат дискусии кои сè уште не се завршени. Според проценките на НАТО, 23 од 32 земји-членки минатата година ја исполниле или надминале целта од 2 отсто од БДП. Меѓу оние што не ја исполниле пак се најдоа и некои големи економии како Италија и Шпанија.