Нема амнестија за полициските службеници ниту за никој друг, како порано, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вели дека македонската истрага за трагедијата во Кочани е многу побрза од истраги во странски поразвиени држави за слични несреќи и трагедии.
-Сега амнестија дека има, јас не може да се согласам. Зошто? Заради тоа што МВР има поднесено, во континуитет, да речеме, 3 кривични пријави. Ако не и 4. И се постапува моментално за над 50 осомничени. Не можеме да се компарираме ни со случаи кои што се случиле, од ваков тип, во далеку поразвиени земји. Од аспект на тоа колку далеку е отидена истрагата. И им честитам на обвинителите кои што покажаа дека можело да се работи поинаку, одговори Панче Тошковски.
Тошковски тврди дека обвинителството во истрагата влегло и во МВР да истражува. Но, нема информации зошто запре истрагата на само 7 поранешни полициски началници додека актуелните кочански началници никаде ги нема туку само се разрешени.
Телма, до МВР пред 14 дена постави прашања за политичко-партиски врски на двајца од разрешените началници, но неосомничени иако во нивен мандат се случи пожарот. Кочанскиот началник на крим полицијата бил на партиски состанок лани во февруари и слушал „предизборен мотивациски говор“ на пратеник, а началничката на ОВР Кочани има фотографија со осудениот поранешен премиер.
Законски забрането е полицаец да има партиски активности и членство. Од МВР не одговорија на прашањата речиси две недели.
Министерот тврди дека со досегашната истрага се опфатени и актуелни началници.
-Истрагата влезе во Министерството за внатрешни работи, рече Тошковски.
Новинарско прашање: Еве Вие како министер и како човек сметате дека можеби и во МВР има одговорност за непостапување во изминатите 365 дена?
Тошковски: Да, сметам. И затоа досега се поднесени 7 кривични пријави. Поднесена е кривична пријава против 7 полициски службеници. До сега. Заклучно со вчера. Против 7 полициски службеници. Можеби наредниот период ќе имаме и други.
Според полициското соопштение од 19-ти март, седумте осомничени и притворени полициски началници не се гонат за актуелни дела, туку за документи потпишани пред 2 години кои се поврзани со последната легална лиценца на Пулс.
Дел од притворените пак со проблемска информација уште во ноември 2022-ра барале СВР Штип да ги извести надлежните во економија за да биде одземена лиценцата на Пулс поради кривични дела и прекршоци во клубот.
Миомир Серафиновиќ