Во Луксембург денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, на кој министрите за надворешни работи ќе дискутираат за состојбите на Западниот Балкан, во Украина, на Блискиот Исток и за односите со Африка.
Со состанокот претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Според агендата, предвиден е и прв Дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и Палестинската управа, како и четвртата Меѓувладина конференција со Албанија, каде што се очекува отворање на нови поглавја од пристапните преговори.
Министрите ќе разменат мислења за стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, а Калас ќе информира за својата неодамнешна посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, како и за дијалогот Белград–Приштина.
На состанокот ќе се разговара и за состојбата во Украина и за натамошната поддршка од ЕУ, вклучително и воено засилување и санкции кон Русија.
Ќе се дискутира и за мировните напори и иницијативата на САД за прекин на огнот.