Најголем губитник ќе биде оној што ќе излезе од коалицијата ВЛЕН. Народната поговорка вели – „тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот“, вели Биљал Касами, претседателот на БЕСА за неговиот партнер во ВЛЕН, Арбен Таравари по несогласувањата во коалицијата и критиките од лидерот на Алијанса за Албанците за нејзиното функционирање како дел од Владата.
Јас ценам дека ВЛЕН тежи… да не кажам повеќе, но толку без Таравари колку што вредеше и тежеше со него. Сепак, другите чинители се тука. Од друга страна, со секој член во една фамилија, во една коалиција, дури и една партија, има вредност, бидејќи некој ќе биде внатре. Но, кој било да излезе, автоматски создава можност некој да влезе. Јас ценам дека најголем губитник ќе биде тој што ќе излезе во случајот со коалицијата ВЛЕН. Народната поговорка вели – „тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот“. Во случајот, мислам дека ВЛЕН ќе продолжи уште посилно, вели Касами во интервју за РСЕ за превирањата во коалицијата.
На прашањето колкави се шансите од денешна перспектива коалицијата заеднички да настапи на претстојните локални избори или сепак е можно Таравари да го напушти ВЛЕН, тој оценува дека реална е можноста коалицијата да опстои.
Јас уште верувам дека има реални шанси ние да продолжиме заедно, затоа што ценам дека прво вредноста на секој од партиите, дел од ВЛЕН, е поголема како дел од коалицијата отколку кога би била надвор. Ние сме се обиделе порано, секој поединично, до го предизвикаме Али Ахмети и ДУИ и не сме успеале. Успеавме само кога станавме заедно. Така што, се надевам дека ова ќе завладее кај секој член на оваа коалиција и на крај ќе излеземе со заеднички став дека тоа што беше целта за да бидеме заедно – и понатаму останува истата цел, вели Касами.
Според него, ДУИ уште го нема дадено одговорот на 20 години коруптивно, криминално владеење со државата и непретставување на Албанците. Смета дека комуникацијата со ДУИ би била можна откако таа партија ќе даде отчет и ќе се реформира.
Значи, јас сум го кажал тоа неколку пати. Јас ценам дека Али Ахмети треба да одговара за тоа што им го направи на Албанците, за злоупотребата на позициите на неговите функционери, на неговите блиски членови на фамилијата. ДУИ треба длабоко да се реформира, па од после треба да видиме за можни канали на комуникација, вели Касами.
Во однос на тоа што всушност бара Таравари, а што е прифатливо за ВЛЕН кога станува збор за распределбата на градоначалничките места и советничките листи, претседателот на БЕСА вели дека не е тоа причината.
Ако ние му дадовме пет загарантирани пратенички позиции во листите, ние бевме спремни да му дадеме исто предност во делот на позициите во локалните избори. Дали за градоначалници, дали за советници. Но, инсистирањето да се оди посебно на листите и што останува во тие позиции, за нас оди во прилог на ова што го кажуваме цело време – давање на уште една можност на ДУИ да се врати. Затоа што сепак ова се локални избори. На локални избори политичката позиција, односно вредноста на политичкиот глас се листите. Затоа што таму се гласа за листа на партија или на коалиција. Во делот на кандидатите, граѓаните повеќе избират личност. Ние цениме дека или ќе излеземе заедно и за градоначалници, и за советнички листи, кандидатите ќе бидат на коалицијата ВЛЕН или било кој што има друга комбинација, тоа не е комбинација на коалицијата ВЛЕН, потенцира Касами.