Вести Македонија

Онколошките пациенти без терапија – министерот неинформиран

Информацијата за недостиг на онколошки лекови не стигнала до министерот за здравство Таравари. Тој вели на утринскиот брифинг никој не алармирал за ваков проблем.

„Генерално ги имаме сите лекови. Само два дена имаше недостаток на инсулин, но веднаш потпишавме анекс со компанијата која не снабдува. Во моментов јас колку што знам ваков проблем за недостиг на онколошки лекови нема. Утринава имавме брифинг, но никој не сподели таков податок“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Спротивно на тоа, од здружението ХЕМА-ОНКО за Телма потврдуваат дека повеќе видови на лекови недостасуваат. Тие апелираат до надлежните итно да го решат проблемот со јавните набавки,  за да не се дозволи нов вакуум период без неопходната терапија.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, објаснува дека доцнењето е резултат на измените во системот за јавни набавки, но уверува дека лековите ќе пристигнат навреме – пред велигденските празници.

Недостигот предизвика и нова политичка расправија. Опозициската СДСМ обвинува дека веќе три месеци на Онкологија нема терапија, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ смирува и повикува да не се шири паника, уверувајќи дека лекови ќе има наредната недела.

Во меѓувреме, бројот на новодијагностицирани пациенти со рак постојано расте. Само во изминатава година се регистрирани над 1000 нови случаи со рак на бели дробови – еден од најчестите карциноми кај нас.

„Голем број на фактори влијаат за да се појават овие болести. За жал докторите малку можат да направат, многу повеќе можат да влијаат државните политики со тоа што ќе се намали загадениот воздух и бројот на пушачи и слично“, изјави д-р Деска Димитриевска од Клиниката за пулмологија и алергологија.

Пациентите со канцер често се соочуваат со недостиг на терапија. Криза со лекови имаше и на почетокот на годината. И пациентските здруженија и надлежните институции како дел од долгорочно решение го гледаат воспоставувањето национален регистар на онколошки пациенти.

Тој би овозможил точен увид во бројот на заболени и подобро планирање на набавките, за пациентите никогаш да не останат без животозачувувачка терапија.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Рим денес продолжуваат преговорите за иранската нуклеарна програма

Дејан Дејан

Загинати 80 лица во американските напади врз Јемен

Дејан Дејан

Нови дигитални услуги на МВР достапни на интернет

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе