Вести Македонија Топ вести

Голем дел од мостовите во земјата се ризични, алармираат експертите

Селото Пчиња се наоѓа во Општина Куманово и според пописот во 2021-та година брои нешто над 600 жители. Локалното население, но и случајни минувачи, секојдневно поминуваат по мостот. Експертите велат дека е ризичен. Пукнат е еден од столбовите, а како што може да се види на терен, но и според анализите, оштетена е и останатата конструкција на мостот.

„Мостот апсолутно не е безбеден, се гледа таму. Има три скршени столба. Кога ќе помине камион, мостот целиот мрда. Еден ќе дојде ќе го погледне, ќе го направиме, друг ќе дојде. Само кога се избори, тогаш се прави, после тоа нема никој жив“, вели Јово Ристовски, жител на село Пчиња.

Мостот е стар со децении и потребна е итна санација, вели деканот на Градежниот факултет, професорот Горан Марковски. Додава дека додека се чека проект врз основа на кој ќе треба да се изгради и прошири нов мост, надлежните сега можат да го поправат само оштетениот столб.

„Оштетен е еден од столбовите, меѓутоа столбот има сериозна улога во конструкцијата. Неговото оштетување може да доведе до уривање на дел или можеби на цела конструкција. Оттаму би влегол во групата на ризични мостови, каде што треба веднаш да се реагира“, вели деканот Горан Марковски.

Мостот е во државна надлежност, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Проблемот е со децении и треба да се постави прашањето зошто е во таква состојба. Вели дека институциите не ги одржуваат редовно речните корита.

„За жал општината нема такви финансиски средства да го финансира истиот. Претходно во сите наши апели до претходната Влада останава неми, иако обврска на државата е да го оддржува тој мост. Од друга страна, наидовме на разбирање кај новата Влада и веќе го аплициравме тој проект во рамките на унгарскиот кредит“, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Но, овој мост не е единствен од времето на ЈНА или стар и по повеќе од 50 години. Такви ги има речиси низ целата држава. Деканот Марковски подолг период апелира на санација на мостот „Обединети Нации“ во скопско Влае. На терен состојбата е со голем број на дупки на кои во една се гледа дури и арматурата.

„Катастрофа е стварно. И не е само тоа, има и многу работи. Не се чувствувам безбедно, ова треба да се направи овој е многу прометен мост“, вели жителка на Скопје.

Граѓаните секојдневно алармираат за проблемите на мостот „Обединети Нации“, а по објавување на нашиот прилог надлежните ставија асвалт, но само на пешачкиот дел.

Помали санации му се потребни и на мостот „Гоце Делчев“, вели деканот Марковски. Под овој мост има израснато и дрво.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца загинати и 8 повредени во тешка сообраќајна несреќа кај Кичево

Дејан Дејан

Трамп: Мировниот договор меѓу Украина и Русија мора да се постигне „брзо“

Дејан Дејан

Хутите тврдат: Истрелавме проектили врз Израел и два американски носачи на авиони

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе