Вести Македонија Топ вести

Додека се направат градинките, децата ќе се запишат во средно

Владата троши пари за изградба на детски градинки, но додека да бидат пуштени во употреба, децата што чекаа ред за нив веќе размислуваат каде да се запишат во средно. Дел од градинките кои почнаа да се градат во 2020 година, сè уште не се завршени, а на некои не им се гледа ни крајот.

Ревизијата на јавните инвестиции за обезбедување капацитети и услови за детска заштита во детските градинки од 2020 до 2024 и констатира значајни слабости во планирањето, управувањето и реализацијата на инвестициите, што резултира со недоволна искористеност на вложените пари.

Ревизијата опфатила 11 градинки кои се градат или прошируваат со буџетски средства и 16 со заем од Светската банка. Од 27 градинки, 21 е завршена и предадена на општините, но од нив во 2024 година само 15 биле пуштени во употреба и примале деца. Уште неколку биле пуштени по завршувањето на ревизијата.

Биле потрошени скоро 17 милиони евра. Капацитетот требаше да се зголеми за 3000 деца, но е зголемен за околу 1700. Побрзо се реализираат тие со пари од Светска банка, доцнат тие со буџетски пари.

„Преземените активности на Министерството за изградба на нови и проширување на капацитетите во постоечките објекти со буџетски средства не ги дале очекуваните резултати за  обезбедување на услови за оптимален опфат на децата во системот на правата за заштита на децата“, наведува Државниот завод за ревизија.

Изградбата на градинката Бамби во Општина Чаир со капацитет од 350 деца започна во 2020 година. Требаше да заврши во 2022, но до овој момент не е пуштена во употреба. Платени се над 80 отсто од предвидените два милиони евра.

Досега се склучени осум анекси на договорот, со што рокот е продолжен до 1 декември 2024 година. Главни причини за доцнењето се промени во улогите на учесниците изведувачи, дополнителни и непредвидени градежни работи, административни пречки поврзани со пристапот до градежната парцела и намален интензитет на работа во периодот на пандемијата, наведува Државниот завод за ревизија.

Скоро пет години по почетокот на изградбата, градинката е скоро завршена. Во Општина Чаир прашавме во што е проблемот и кога планираат да почне да работи, но до почетокот на вестите не добивме одговор.

Поради низа доцнења и нерешени инфраструктурни проблеми градинката во село Ерџелија, Општина Свети Николе, која требаше да заврши во март 2022 година, сè уште не е ставена во функција.

Не се готови ни градинките во Битола, Кочани, Арачиново, Липково, и во селото Ангелци во Општина Василево. На тие во Битола не им се гледа ни крајот. Во Ангелци во меѓувреме била ограбена и оштетена.

Поради малиот капацитет, скоро 5000 деца во земјава чекаат место за градинка, а групите некогаш имаат двојно повеќе деца од предвиденото.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца загинати и 8 повредени во тешка сообраќајна несреќа кај Кичево

Дејан Дејан

Трамп: Мировниот договор меѓу Украина и Русија мора да се постигне „брзо“

Дејан Дејан

Хутите тврдат: Истрелавме проектили врз Израел и два американски носачи на авиони

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе