Вести Македонија Топ вести

(Видео) Филипче со 18.001 глас доби мандат до 2029-та да ја води СДСМ, новиот го почна со критики за владата и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ

Венко Филипче до 2029-та ќе ја води СДСМ, откако на внатрепартиските избори освои 18.001 глас. Филипче немаше противкандидати, а 139 ливчиња беа неважечки.

На ланските партиски избори за довршување на мандатот од 2021-ва, Филипче стигна до бројка од над 9.000 гласови и во обраќањето синоќа посочи дека „значително зголемената поддршка во споредба со претходниот пат е потврда на исправноста на досегашните политики на СДСМ”.

„Ова не е само моја победа, ова е заедничка победа. Фактот што добив двојно повеќе гласови од минатиот пат е доказ дека нашата интензивна работа дава резултати и дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките што ги водиме“, рече Филипче.

Тој најави продолжување со искрена комуникација со секој член и поддржувач, потенцирајќи дека секоја идеја ќе биде разгледана и доколку е добра, ќе биде вградена во политиките на партијата.

Оцени дека владата лошо се справува со проблемите во државата, а, пред сè, во економијата. Ги искритикува и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со кои ќе се соочат кандидатите на СДСМ на изборите наесен.

„Нè чека уште една тешка борба, а тоа е да се бориме против оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажаа дека ниту знаат, ниту умеат да се справат со проблемите. Се што кажаа излажаа, не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува. Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Здравството е на колена. Видете што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно. Какви лицемери седат во Владата“, рече Филипче по победата во партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение му ја „честитаа” победата, со тврдење дека Филипче е човек на Заев кој успеал да освои само 18.000 гласови, бидејќи бил прочитан за своите политички активности од минатото.

„По дебаклот што се случи на изборите денес во СДС, на кои што имаше само еден кандидат, а тоа беше потрчкото на Заев, Венко Филипче, тој освои 18.000 гласови. За трагедијата да биде уште поголема, регистрирани беа 23.712, а само 18.000 членови го подржаа Филипче. Тоа само зборува дека Филипче нема кредибилитет во СДС“, соопшти владејачката партија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Истрага против 49 лица за злопотреби со туѓа нега и инвалидски пензии

Дејан Дејан

Претседателката на ДКСК однесена во Кривичен

Дејан Дејан

Битката со канцер низ солзи раскажана пред камерата на Телма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе