Службената белешка на Агенцијата за национална безбедност е клучен показател за планирање на бегството на Орце Камчев, осомничениот во случаите Империја и Плацеви на Водно, а сведок во предметот Меѓународен сојуз, ама досега никој освен надлежниот обвинител не го видел ниту пак има детали за јавноста како и зошто агентите на АНБ откриле дека Камчев ќе бега во Бугарија по средба со бугарски државјани во Скопје минатиот викенд.
Бројот на службената белешка на АНБ е цитиран во одлуката за притворот, во неа се спомнува дека „осомничениот остварил средба со лице од Р.Бугарија, а во врска со реализација на намерата за негово бегство во Р.Бугарија“. Дополнително во одлуката за притвор стои и дека информацијата за осомничениот (Орце Камчев) се однесува на периодот од 12-ти до 14-ти март кога е лишен од слобода во Скопје.
Законска основа постои во законот за АНБ, а тоа е доколку при гонење кривични дела против безбедноста на државата и терористички групи- агенцијата открие сомнежи за кривично дело, мора да пријави на обвинителство. Но и оние што ја проучуваат демократската контрола врз тајните служби, сметаат дека одговорот е токму во АНБ.
– АНБ најдобро може да одговори на тоа во каков формат, во кои случаи се изготвува службена белешка, каде тие ја лоцирале причината заради која што изготвуваат една службена белешка за бегство на лицето Надлежностите на АНБ се излистани во член 4 од Законот за АНБ, според кои Агенцијата треба да постапува. Неблагодарно е ние да нагаѓаме во рамки на која од надлежности тие го лоцирале правото да реагираат. Но, член 6 од истиот закон кажува дека доколку Агенцијата добие информација, сознание, дека се подготвува кривично дело, ја има обврската да го извести надлежното ЈО. Така што најдобро е АНБ да даде одговор, рече Александар Стојановски, истражувач во ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии.
Од друга страна проблемот е дали поради јавниот интерес за вака високо профилиран кривичен случај, АНБ ќе соопшти детали за белешката која засега е класифицирана.
-Во идеален систем би имало, но кај нас АНБ и нема таква законска обврска. Тука доаѓаме до моментот на надзор и веројатно на некое надзорно тело, кои би било добро да објаснат и да дадат информација за ова прашање. Затоа е важно надзорот да биде реален, моќен за да може вакви прашања да се адресираат во име на јавниот интерес, вели Стојановски.
Камчев во неделата беше однесен во притвор во Шутка поради сомнеж за бегство, а обвинителството побара ваква мерка во рамки на случајот Плацеви на Водно, предмет за перење на пари што потекнуваат од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ, односно 1,3 милиони евра потрошени за земјиште на Водно поврзано со Никола Груевски. Одбраната смета дека притворот е определен противзаконски. Тој предмет е повторно активен во истрагата откако Камчев дал исказ на 4-ти февруари, а минатата недела поднел и дополнителни докази.
Миомир Серафиновиќ