Во пописните прашалници, графата за етничка припадност е празна. Секој може да се изјасни како што сака. Вакво појаснување даваат од Државниот завод за статистика, по сомнежите на соседна Бугарија дека бугарското население во земјава трпи притисоци при декларирањето на својот етнос. Додека тече онлајн попишувањето на иселениците, остварена е средба со трите најголеми верски заедници во земјава, заради нивна поддршка и афирмација на пописниот процес во дијаспората.
Почнувајќи од Пописот во 1948-ма па до денес, пописните прашалници содржат графа етничка припадност и таа се пополнува по сопствена волја. На Пописот 1991-ва, листата на различните пријавени етноси и нивниот број, била долга 10 метри. Ова го објаснува директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, кој гарантира дека и на овој попис, не само бугарите, туку сите ќе имаат право да се изјаснат за својата етничка припадност.
До денеска, попишани се 25 илјади македонски државјани од дијаспората. Министерот за надворешни работи Бујар Османи и Симовски, побараа трите најголеми верски заедници да го искористат влијанието врз иселениците за афирмација на Пописот. Во процесот се вклучува и Агенцијата за иселеништво.
Од Заводот за статистика тврдат дека протоколите обезбедуваат непречено попишување. Сепак, последен збор има Комисијата за заразни болести, која на дневна основа ја следи здравствената состојба во земјава.
Во тек е обука на државните пописни инструктори. Објавен е втор оглас за попишувачи во 15-тина региони, по што ќе се врши тестирање и соодветна обука. Посетувањето на домаќинствата стартува на 1-ви април.
Соња Николовска