Немаме никаква правна пречка моментално, ниту пак некогаш сме имале за потпишување на колективни договори, без разлика за кој дел од јавниот сектор се работи, инсистира претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски во вечерашната Топ Тема на Телма. Тој посочи дека иако правилникот на минатата влада, според кој се бараше пред потпишувањето на било каков колективен договор во јавната администрација прво да се добие согласност од Министерството за финансии, беше укинат од Уставниот суд, сепак останува Членот 4 од Законот за извршување буџети, кој го предвидува токму истото, и тоа е сега причина министерството да ги одбие колективните договори.
Имаме еден несреќен член во Законот за извршување на буџети, каде што токму ова е ставено во Член 4, меѓутоа имаме и буџети одобрени од страна на Министерството за финансии каде што има средства за плати, во ставки 401, 402 и за надоместоци и додатоци на плата кои што и да ги бараме, повторно Министерството за финансии ни вели не може од тие да покачите плата, или да дадете додаток на плата ако склучите колективен договор. Повторно не ни дозволува да ги користиме тие средства, рече Деаноски.
Според него се зависи во кој дел на јавен сектор се потпишува колективен договор, посочувајќи дека немаат никаков проблем кај колективните договори со локалната самоуправа и јавните претпријатија, затоа што имаат сопствени приходи и со нив можат да располагаат.
Секогаш се јавуваат проблеми кај нас ако тоа се буџетски корисници од прв ред, значи дали се тоа министерства, дали се органи на државната управа, секогаш ние сме оставени на страна и чекаме дозвола, мислење, иако мислење не е правно обврзувачки акт. Проблемот се јавува и во оние државни институции каде што имаат сопствени приходи, каде што наплаќаат за одредени услуги, меѓутоа иако имаат сопствени приходи повторно не можат да ги користат истите за зголемување на плати, потпишување колективни договори, итн, без за тоа да добијат согласност или мислење од Министерството за финансии, рече Деаноски.
Деаноски предлага кога веќе се именуваат директори и раководители на јавни институции и од нив се бараат изјави под кривична одговорност дека разумно ќе располагаат со нивните буџети, да им се дозволи и да располагаат со нив, пред се во смисла на зголемување на платите на вработените за да ги задржат како вработени.
Нема министерство или институција во која што досега одржавме состанок каде што раководителите и менаџерите на таа институција самите не се свесни дека ако не се покачат платите, во најбрз можен рок, и тоа за токму 30 проценти, дека ќе имаме огромен егзодус на вработени, поготово на оние стручни и обучени вработени што ја водат институцијата, и дека не можеме да привлечеме нови вработувања во државна управа, во правосудство, во агенции и фондови доколку не покачиме плати. И тоа во изминативе години се покажува многу точно, бидејќи кога ќе ги отворите огласите што ги објавува Агенција за администрација или самите министерства, ќе видите дека никој не се јавува на огласи, дека младите не се заинтересирани да работат во јавната администрација, инсистира Деаноски.
Тој посочи дека почетната плата на лице со високо образование во јавниот сектор би била 26.000 денари.
Зошто некој би работел за 26.000 денари? Веќе никој ниту од партиските штабови не сака да се вработи за такви плати, тврди Деаноски.